По сведочењето на мајката на апелациониот судија Ѓоко Ристов, денеска во судница сведочеше и неговиот татко Здравко Ристов. И тој како и неговата сопруга Донка, тврдеше дека парите, 350.000 евра, кои беа најдени заѕидани во ѕид, биле само нивни и за нив не знаеле нивните деца.
На прашањето зошто не ги пријавил парите додека се вршел претресот, туку рекол дека ги нема, тој рече:
-На кого да пријавам, немам верба во државата. Сум се мачел за нив со овие 10 прста. Децата не знаеја. Кога им требаше ќе им дадев, ќе ми ги вратат. На полицијата им реков дека се наши, мои и на сопругата, рече таткото на судијата.
Тој појасни дека на повеќе места, во повеќе градови, ги менувал во евра. А за тоа кој ги ставал парите во зидот, рече:
-Сопругата. Јас пари не ставав. Таа беше должна. Јас стварав, она ги чуваше. Ако сум им ги дал парите на децата може ќе ги искоцкале, ништо не се знаело, рече сведокот Ристов.
На прашањето, како на парите не се најдени негови траги, туку на неговиот син, тој рече дека за тоа немало шанса.
И тој како сопругата рече дека парите ги чувале дома, а не во банка, бидејќи немал верба во нив.
Случајот против Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против судијата Ристов се води постапка за случајот со 350.000 евра пронајдени при претрес во дом на неговите родители во Неготино, за кои Обвинителството соопшти дека не биле пријавени и дека потеклото на средствата не било поткрепено со докази.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.
Валентина Вурмо