Граѓаните да добијат акции во големи државни компании, меѓу кои и „Државна лотарија“, е една од мерките предвидени во мастер-планот на СДСМ, најави вечерва лидерот на партијата Венко Филипче.
Во интервју за емисијата „Импакт“ на телевизија Шења, Филипче објасни дека идејата е дел од акциите што се во државна сопственост да бидат распределени на граѓаните, односно на семејствата, со што тие директно би добиле удел во државниот капитал.
„Во мастер-планот е и тоа некоја од големите државни компании, по примерот на ‘Државна лотарија’, која е во чиста државна сопственост, тие државни акции да одат во рацете на граѓаните, односно на семејствата“, рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, ваквиот модел би им овозможил на граѓаните да поседуваат акции во компанија што е во државна сопственост, а истовремено, како што оцени, би се исправил дел од неправдата што ја поврзува со процесот на приватизација во 90-тите години.
„На тој начин, мислам дека сериозно, прво ќе се намали една болка, една лузна од неправедната приватизација во 90-те години, и второ, граѓаните ќе добијат акции од државна компанија која добро работи, која за жал сега гледаме како се пљачка за концерти со пет милиони евра на нетранспарентен и несоодветен начин. Нека бидат граѓаните акционери, да си имаат акции од државна компанија кои ќе може да им ги остават на своите деца и внуци“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ова е само една од мерките во поширокиот мастер-план што го подготвува СДСМ. Како главен приоритет ја наведе европската интеграција на земјата, а најави и посебен антикорупциски закон кој би предвидувал конфискација на имот, како и ветинг на функционерите.
Филипче најави дека ветингот, според предлогот на СДСМ, треба да ги опфати и актуелните и поранешните функционери, додавајќи дека процесот би започнал од функционерите на неговата партија и од него лично.
Меѓу економските мерки што ги спомена е и повторното воведување прогресивно оданочување.
„Еден од постулатите на нашиот мастер-план за државата, освен под број еден Европа, под број два е специјален антикорупциски закон, во кој ќе има и конфискација на имот, понатаму под број три ветинг на сите функционери, не само сегашни, од нас ќе почнеме, од мене прв, исто така и воведување на прогресивниот данок“, рече Филипче.
Најавените решенија засега се дел од политичкиот план што го презентира СДСМ, а деталите за начинот на кој би се распределувале акциите на државните компании на граѓаните допрва треба да бидат прецизирани.