Тинејџер со мачета избоде ученици и наставници во полско училиште, повредени се десетмина

by irena 21:54
21:54

Драматичен инцидент се случи денеска во средно училиште во Остроленка, во североисточниот дел на Полска, каде 19-годишен ученик упаднал вооружен со мачета и повредил повеќе лица, објави полскиот јавен сервис „ТВП“.

Според првичните информации од локалните власти, девет лица по нападот биле пренесени во болница. Регионалниот гувернер Мариуш Франковски соопшти дека ниту еден од повредените не се наоѓа во животна опасност.

Меѓу повредените има пет ученици, двајца наставници и двајца случајни минувачи. Повреден бил и самиот 19-годишен напаѓач, кој, според надлежните, се повредил за време на инцидентот.

Полицијата соопшти дека осомничениот е ученик во училиштето и дека при нападот користел мачета. По пристигнувањето на безбедносните служби, посебно внимание било посветено и на ранецот што го носел со себе.

На местото биле повикани пиротехничари, кои го провериле ранецот поради сомневање дека во него може да има опасна направа. Националниот обвинител Дариуш Корнелук подоцна потврдил дека била пронајдена рачно изработена експлозивна направа.

Додека траела полициската интервенција, дел од учениците се обиделе да се заштитат така што се забарикадирале во училниците. Противпожарната служба соопшти дека потоа била организирана нивна евакуација од објектот.

Полицијата успеала да го приведе 19-годишниот осомничен околу 20 минути по почетокот на нападот.

По инцидентот, градските власти донеле одлука сите училишта во Остроленка да бидат затворени, а надлежните соопштиле дека учениците се безбедни.

Истрагата за случајот продолжува, а засега не е познато што го поттикнало 19-годишникот да го изврши нападот. Полицијата и обвинителството треба да ги утврдат сите околности, вклучително и потеклото и природата на експлозивната направа пронајдена во неговиот ранец.

Слични вести