Доделена Нобеловата награда за медицина – создадоа „прекинувач“ за нервните клетки

by irena 15:46
15:46

Нобеловата награда за медицина денес им беше доделена на Карл Дајсерот, Петер Хегеман и Георг Нагел за истражување на мозочната активност што вклучува проучување на јонски канали контролирани со светлина и оптогенетика.

Добитниците на наградата беа објавени на Институтот „Каролинска“ во Стокхолм, со што започна неделата на доделување на Нобеловите награди, пренесува АП.

Паричниот износ на овогодишната награда изнесува 12 милиони шведски круни, што е околу 1,2 милиони долари.

Нобеловиот комитет ја пофали работата на тројцата научници во врска со откритијата поврзани со оптогенетиката, кои овозможуваат активирање или деактивирање на активноста на поединечни нервни клетки во живиот мозок.

„Овој метод сега се користи во лабораториите ширум светот за да се откријат тајните на мозокот“, напиша Комитетот на мрежата X.

Хегеман и Нагел открија протеин познат како каналродопсин, пред Дајсерот „да го трансформира тој протеин во прекинувач за нервните клетки контролиран со светлина“, објасни Нобеловиот комитет.

Нивната работа ги постави темелите за нова ера во невролошките науки, додаде Комитетот, пренесува Си-ен-ен.

Минатата година, Нобеловата награда за медицина им беше доделена на тројца научници за нивните откритија поврзани со имунолошкиот систем и неговата способност да ги напаѓа микробите, наместо сопственото тело.

Работата на Мери Е. Бранков, Фред Рамсдел и Сајмон Сакагучи откри клучен механизам што телото го користи за да го контролира имунолошкиот систем.

Во вторник, на 6 октомври, ќе биде објавено кој ќе добие признание во областа на физиката.

Нобеловата награда за литература ќе биде доделена во четврток, на 8 октомври, а наградата за мир во петок, на 9 октомври, додека името на добитникот на Наградата на Шведската банка за економски науки во спомен на Алфред Нобел ќе биде објавено на 12 октомври, пренесе агенцијата АП.

Што се однесува до Нобеловата награда за мир, Ројтерс претходно објави дека, според експертите, американскиот претседател Доналд Трамп нема да ја добие наградата, иако неговото влијание би можело да се одрази врз одлуката на петчлениот Нобелов комитет.

„Мислам дека минатогодишните настани поврзани со Нобеловата награда за мир, вклучително и тоа што Марија Корина Мачадо подоцна му го врачи медалот на Трамп, ќе влијаат врз одредени размислувања“, изјави за Ројтерс Хокон Герлов, норвешки политиколог и вршител на должноста директор на Институтот за истражување на мирот во Осло.

Вкупно 287 кандидати – 208 поединци и 79 организации – се пријавија за Нобеловата награда за мир за 2026 година.

Слични вести