Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска пристигна во ненајавена посета на Киев, каде што треба да објави нов пакет германска помош за Украина во вредност од над 1,3 милијарди евра и да финализира договор за заедничко производство на дронови и друго оружје.
На железничката станица, Мерц беше пречекан од украинскиот министер за надворешни работи, Андреј Сибиха, а германскиот канцелар веднаш по пристигнувањето изјави дека претстојните недели се особено важни за Украина.
– Денеска пристигнав во Киев бидејќи на Украина ѝ е потребна целата наша поддршка во наредните недели – рече Мерц.
Тој потоа предупреди дека последиците од војната, според него, нема да останат ограничени само на Украина.
– Ако Русија не биде запрена, порано или подоцна нејзината воена машина ќе се сврти против нас – рече Мерц.
Според податоците на германската влада пренесени од Ројтерс, Мерц за време на посетата ќе го објави одобрувањето на една милијарда евра нова воена помош за Украина.
Уште 350 милиони евра се наменети за реконструкција и поправка на украинската енергетска инфраструктура, која во последните денови повторно е цел на силни руски напади.
За време на средбата со Володимир Зеленски, Мерц треба да ја потврди континуираната германска поддршка.
– Денеска ќе му кажам на претседателот Зеленски: сè уште можете да сметате на нашата помош – рече канцеларот.