Трамп објави број на телефон на сенатор кој не сака да гласа да остане летно сметање на времето

by irena 22:11
22:11

Доналд Трамп го објави бројот на мобилен телефон за кој тврди дека му припаѓа на републиканскиот сенатор Том Котон и ги повика Американците да му се јават. Трамп остро го критикуваше Котон на платформата „Truth Social“ поради неговото противење на Законот за заштита на сончевата светлина (Sunshine Protection Act).

Тој федерален закон би го направил летното сметање на времето трајно, што значи дека часовниците повеќе не би се поместувале двапати годишно. Во опширна објава, во која го сподели и бројот на сенаторот, Трамп тврди дека токму Котон го блокира усвојувањето на законот.

„Сите вие во Арканзас – Том Котон, мојот пријател, го кочи усвојувањето на еден многу важен закон. Тој се нарекува Закон за заштита на сончевата светлина, или поедноставно, Закон за менување на часовниците двапати годишно“, напиша Трамп.

„Том од некаква причина го одолговлекува законот, а тоа е многу лесно да се направи во Сенатот – потребен е само еден глас. Законот би требало да помине со огромна двопартиска поддршка. Затоа, сите во Арканзас – држава што ја сакам и во која сум победил трипати, а последниот пат со разлика од 34 процентни поени – кажете му на Том да го среди тоа!“

Тој истакна дека „никој не сака да губи време местејќи ги часовниците двапати годишно“. Додаде дека „сонцето попладне е подобро од она рано наутро“. Откако ги наброја придобивките од законот, Трамп ги повика „величенствените луѓе од Арканзас“ да му кажат на својот сенатор дека тоа би било „ГОЛЕМА двопартиска победа за Сенатот на САД и за Америка“.

Потоа ги повика граѓаните „да му се јават на Том на неговиот мобилен телефон“ и го објави бројот за кој тврдеше дека му припаѓа на сенаторот. Котон, од друга страна, тврди дека трајното летно сметање на времето би можело да доведе до поголеми ризици за луѓето што патуваат на работа и за децата во текот на зимските месеци.

Предвидено е часовниците да се вратат еден час назад на 1 ноември во 2 часот по полноќ (локално време). Тоа значи дека Американците таа ноќ ќе спијат еден час подолго или ќе имаат еден час повеќе за прослава на Ноќта на вештерките. Исто така, тоа значи дека сонцето ќе заоѓа порано во текот на зимата. Претставничкиот дом го усвои законот во јули, но предлогот сè уште чека на разгледување во Сенатот. Сенатот моментално е на пауза и нема да заседава до 6 ноември.

Летното сметање на времето не се применува во сите сојузни држави. Хаваи и поголемиот дел од Аризона користат стандардно време во текот на целата година. Исклучок е областа на Навахо нацијата, која се протега низ Аризона, каде што се применува летното сметање на времето.

Часовниците исто така не се поместуваат во пет американски територии: Американска Самоа, Гуам, Северни Маријански Острови, Порторико и Американски Девствени Острови.

Слични вести