(ВИДЕО) “Фокус” на “Октоберфест”: Минхен живее во ритамот на пивото

by irena 18:00
18:00

Минхен и Баварија живеат во ритамот на пивото. Најмалку половина месец и три последователни викенд денови во најголемиот баварски град и втор по големина во Германија (зад Берлин) илјадници жители на градот и уште повеќе туристи ги запоседнуваат сите шатори каде се одржува фестивалот и сите пивници во градот. А, не се малку.

Оваа година, според информациите урнат е рекордот во посета на фестивалот. Повеќе од седум милиони посетители вкупно престојувале и се очекуваат во овој последен викенд на 192 по ред Октобер фест. Проценките се дека тие ќе потрошат над три милијарди евра за најразлични желби и потреби најмногу за пивото.

Во Минхен овие денови се служат најчесто криглите што може да соберат еден литар. Ги има и чашите со половина, но литарските секако доминираат. И, цените им се различни – ни пивниците во градот зависно од локацијата цените се движат од 9 до 12 евра. На главната локација тие се близу оваа година рекордните речиси 16 евра.

Заедно со пивото, неизбежна е и коленицата со зелка и прецелот кои се обележја на овдешната кујна. Баварскиот перек во оваа форма како што го познаваме првпат е направен пред околу 800 години.

Исто толку “возрасни” се и некои од пивницниците кои го “опколуваат” Мариен плац, најстрогиот центар на градот.

А, на Мариен плац – врвулица од луѓе. Сите сакаат да се сликаат или да ја допрат статуата на Јулија, велат за среќа.

Секако, во градот има и историја што голем дел ја класифицираат како негативна. Ова е пивницата во која секојдневно седел со своите познаници и нацистичкиот водач Адолф Хитлер. Од терасата беседел пред бројните гости. А, во 1923 токму од таму се обидел неуспешно да направи државен удар и да ја преземе власта во Германија во тоа време.

Октобер фест е на некој начин и панаѓур. Локацијата каде се одржува е преполна со реквизити од забавен парк, во кој за билет што чини од осум до 12 евра многумина го тестираат адреналинот.

Келнерите и келнерките се вешти во носењето на криглите. Секој(а) носи барем десетина .. апсолутниот рекорд годинава е 32 кригли од еден литар донесени на маса од келнерка. Или, проценето околу 78 килограми во маса.

Зоран Фиданоски

Слични вести