Мицкоски: Не сум задоволен од пораките на фон дер Лајен, таа јасно кажа дека стои на маса промена на Уставот

by irena 12:55
12:55

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја оцени вчерашната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен како исклучително пријателска, корисна и содржајна, нагласувајќи дека таа можеби ќе биде клучна за некои процеси во иднина, иако како што рече – не е задоволен од пораките во однос на уставните измени.

– Средбата би ја оценил како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека можеби и ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Тие процеси очекувам да почнат веќе следната недела, откако веќе Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по извршениот увид на градежни активности на мостот што се гради на улица „Љубљанска“ во Општина Карпош.

Тој ја обвини претходната коалиција предводена од СДСМ и ДУИ дека во отсуство на креативност и предлози за надминување на состојбата, се обидува „преку лаги и измислици“ да испраќа пораки дека актуелната Влада ќе ја промени преговарачката рамка.

Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со активностите и порача, но како што додаде потребно е време и трпение. Ова се процеси кога имате квислинзи коишто распродаваат и патриотска Влада којашто си ја сака државата, којашто треба да го врати тоа што квислинзите го распродале – рече Мицкоски.

Тој се осврна и на поранешните коалициони партнери, посочувајќи дека мисли на СДСМ, додека за ДУИ рече дека „тоа не ги интересирало, ниту имале било какви чувства кога постигнувале било каков договор таму“.

Слични вести