По премиерот Христијан Мицкоски, и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен.
Гордана Сиљановска-Давкова изразила благодарност за растечкиот интерес и посветеност на Европската унија на регионот, потенцирајќи го индивидуалниот придонес на Фон дер Лајен во забрзувањето на регионалните евроинтеграциски процеси.
Претседателката изразила цврсто уверување дека гарантирањето исти можности за нас како оние за Украина и Молдавија, со сигурност ќе ја зајакне нашата институционална подготвеност и ќе ја обнови нашата доверба и мотивација за европеизација, што ќе го забрза реформскиот курс.
Исто така, Сиљановска-Давкова потсетила и на потребата да се одржи политичка Меѓувладина конференција, согласно новата методологија и Преговарачка рамка, како и регуларен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, потенцирајќи ја важноста на практикувањето витален интеграциски процес, што ќе резултира со видливи резултати за македонските граѓани.
Претседателката на Европската Комисија, пак, истакна дека нашето место е во Унијата, којашто ќе продолжи сестрано да нѐ поддржува на реформскиот, евроинтеграциски пат, оценувајќи ги досегашните реформи како импресивни.
Фон дер Лајен, укажувајќи на неопходноста од деблокада на нашето напредување кон ЕУ, во духот на европските вредности, изрази уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку интензивни и сестрани средби и дијалог, коишто треба да почнат час поскоро.