Ќе ѝ посакаме добре дојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје.
Таа истакна дека усвојувањето на уставните измени и натаму останува следниот чекор што земјава треба да го преземе за да се придвижи на својот евроинтегративен пат.
-Со многу труд и посветеност, пристапните преговори почнаа во 2022 година, скринингот беше завршен за помалку од една година и сега има само еден клучен чекор кој треба да го направите за да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага ЕУ. Ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата затоа што нашето мото е различност и обединетост и ние сме мошне сериозни по тоа прашање – порача Фон дер Лајен.
Во одговор на новинарски прашања, таа се осврна и на барањето на земјава за вклучување на ЕУ во разговорите со Софија.
-Се договоривме да имаме прв нов чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот, односно да го претвориме во процес, тоа е најважниот дел – рече Фон фер Лајен.
На оваа тема се осврна и премиерот Мицкоски, кој рече дека шефицата на Европската комисија го советувала, за време на посетата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија следната недела, да побара билатерална средба со својата колешка Велислава Петрова-Чамова.
-Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме – рече Мицкоски.