Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, од каде упати порака до студентите за значењето на образованието, стекнувањето знаење и личниот развој.
Мицкоски им порача на младите да ја користат секоја можност за учење и напредување, да патуваат и да го запознаваат светот, но истовремено да не забораваат на својата земја.
„Каде и да одите, вратете се дома. Вратете се со знаење, со искуство, со идеи и со сила за заедно да ја градиме нашата татковина Македонија“, порача Мицкоски.
Тој посочи дека патот пред младите ќе биде исполнет со различни предизвици, успеси и неуспеси, но оти токму тие искуства придонесуваат за нивниот развој.
„Ќе има предизвици, подеми и падови, но токму тие ќе ве изградат“, наведе премиерот.
Во обраќањето до бруцошите, Мицкоски порача дека младите имаат значајна улога во иднината на државата и ги повика да работат за себе, своите семејства и за Македонија.
„Иднината на една држава ја создаваат токму младите луѓе кои веруваат во неа и се подготвени да се борат за нејзиниот успех“, порача Мицкоски.
На крајот, тој им посака успех на сите бруцоши на почетокот на нивното студирање.