СДСМ бара смена на Стоилковиќ, бил на настан со српска политичарка што го велича Младиќ

by valentina 10:53
10:53

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) бара итна смена на министерот за локална самоуправа и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, обвинувајќи го дека повторно работи на српско-руска агенда и дека учествува во предизборната кампања на Александар Вучиќ.

Според соопштението на социјалдемократите, Стоилковиќ бил на настан во Битола заедно со Милица Ѓурѓевиќ-Стаменковски од партијата Заветници и министерка во техничката влада на Србија. Од опозициската партија велат дека станува збор за поранешна членка на радикалите на Воислав Шешељ.

Учеството на министерот за локална самоуправа на настанот, од СДСМ го оценуваат како негова поддршка на кампањата на поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, кој е носител на листата „Обединета Србија“ и кандидат за премиер на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 25 октомври.

Од опозициската партија објавија и фотографии од настанот на кој бил присутен Стоилковиќ.Српската политичарка и владина функционерка Милица Ѓурѓевиќ – Стаменковски на својот фејсбук-профил вчера објави дека заедно со министерот Стоилковиќ, членови на српскиот дипломатски кор и здруженија „што го негуваат нашето историско наследство од Србија и Црна Гора“, го одбелажале 110. искачување на Кајмакчалан, каде се водела, како што наведува една од најголемите битки во историјата на српскиот народ, за време на Првата светска војна.

„Ќе поминат векови, но споменот за нашите славни предци – никогаш!“, вели таа во објавата.

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, пак, наведуваат дека станува збор за политичарка која отворено говори против НАТО, негира дека во Сребреница се случил геноцид и ја оправдува инвазијата на Русија врз Украина.

„Таа ги нарекува НАТО-силите НАТО империјалисти и вели дека сакале да ја опколат Русија, тврди дека во Киев биле поставени ‘марионетски власти’ и дека Русија била ‘принудена’ да преземе акција против неонацизмот. Таа јавно изјави: ‘Во Сребреница не се случил геноцид’. Тоа е спротивно на правосилни пресуди на меѓународните судови. За Ратко Младиќ вели: генерал на Република Српска, човек што го бранел народот. Младиќ е осуден воен злосторник. Тоа не е историја. Тоа е политика што ги релативизира злосторствата и ги продлабочува поделбите“, се вели во соопштението од СДСМ.

Нарекувајќи го соработник на српската Безбеносно информативна агенција (БИА), од опозициската партија велат дека Стоилковиќ не случајно бил на настанот со Милица Ѓурѓевиќ – Стаменковски, обвинувајќи го за учество во политичка кампања на сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во друга држава.

„Министер на Македонија учествува во политичка кампања за сестринска партија на ВМРО-ОКГ – СНС, партија во друга држава. Не со било кого. Со личност што велича воен злосторник и јавно ги застапува руските интереси. По митингот за поддршка на Вучиќ во Куманово, по средбите со Милош Вучевиќ и почесниот конзул Адамовиќ, бизнис партерот на Мицкоски, по организирање превоз за митингот во Белград, по впишување македонски државјани во избирачки список на соседна земја и делење српски пасоши за гласање. Гласачи, македонски државјани, запишани на територија на Србија, во градови и села близу македонската граница. Во Србија беше објавено дека во избирачкиот список има повеќе од 900.000 гласачи кои наводно не одговараат на реалниот број полнолетни жители“, велат од СДСМ.

Оттаму наведуваат дека поради ваквите постапки на Стоилковиќ, како и поради постапките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото, на СДСМ му е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ сака да го промени Изборниот законик и додават дека станува збор за практично копирање на моделот на Александар Вучиќ.

Освнувајќи се на министерот за локална самоуправа, Стоилковиќ од опозициската партија велат дека тоа што тој го прави е тоа е мешање во изборен процес на друга држава и министер во Македонија нема што да бара на такви настани.Од партијата посочуваат дека Македонија е членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, додека во Владата има министер кој се среќава со луѓе се против НАТО и негуваат култ кон хашки осуденик.

„СДСМ бара итна смена на Иван Стоилковиќ. Тој е министер што работи за туѓа кампања, туѓа служба и туѓа каса. Позади него е арамија што го држи. Бандата нека си го земе дома. Државата не е полигон за Вучиќ, ниту сцена за воспевање на Младиќ“, порачуваат од партијата во соопштението.

Слични вести