Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничка прес-конференција во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија напорно работела за да ги постигне европските стандарди.
„Албанската влада и Албанија напорно работевте за да ги постигнете европските стандарди. Албанија повторно постигна фантастичен напредок, го отворивте последниот кластер, а во јули ги затворивте првите три поглавја. Ги уверувам Албанците: членството не само што ќе ја направи Албанија посилна, туку ќе ја направи и Европската Унија посилна“, рече таа.
Фон дер Лајен нагласи дека патот до членство бара континуирано спроведување на фундаментални реформи во сите отворени поглавја, вклучително и заштитата на животната средина и природните ресурси на земјата. Според неа, постигнувањето трајни промени бара соработка што оди подалеку од традиционалните политички граници.
„Ова бара вистинско ангажирање низ политичките поделби и дијалог со општеството за да се решат сите негови загрижености“, рече таа.