Реконструиран студентскиот дом „Стив Наумов“ – нови услови за 1.150 студенти

by irena 22:03
22:03

Реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје денеска беше пуштен во употреба, со што се обезбедуваат обновени услови за сместување и учење за околу 1.150 студенти.

Со реконструкцијата се опфатени објектите на домот кои датираат од 1964 година и од 1990-тите, а целта на проектот е да се надминат повеќедецениските проблеми со кои се соочуваа студентите.

Во рамки на реновирањето се санирани покривите и проблемите со протекување и влага, а интервенирано е и во системите за греење и топла вода. Објектот е реконструиран и со цел да биде енергетски поефикасен, со пониски трошоци за енергија и намалени емисии на јаглерод диоксид.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пуштањето во употреба истакна дека студентите сега ќе имаат подобри услови за престој и ќе можат повеќе да се посветат на студирањето.

Таа посочи дека со реконструкцијата на „Стив Наумов“ се заокружува првиот дел од поголема инвестиција која опфаќа девет студентски домови и шест училишта со ресурсни центри. Вкупната вредност на инвестицијата е 86 милиони евра, од кои, според Јаневска, 60 милиони евра се кредит од Германската развојна банка, 22 милиони се грант, а четири милиони евра се инвестиција на Министерството за образование и наука.

На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека со реконструкцијата се создадени услови кои се меѓу најдобрите во регионот. Тој порача дека студентите сега треба да се посветат на учењето и успешно завршување на студиите.

Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека инвестициите во младите се инвестиции во иднината и дека обновениот дом ќе обезбеди средина во која студентите, покрај учењето, ќе можат да разменуваат идеи и да градат пријателства.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер, пак, нагласи дека проектот е резултат на соработката меѓу германските и европските партнери, КФВ банката, Министерството за образование и наука и Владата.

По „Стив Наумов“, наскоро се очекува да биде пуштен во употреба и реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“, кој располага со капацитет од 280 легла.

Слични вести