Прашањето за содржините во македонските учебници повторно беше отворено во грчкиот парламент, каде пратеникот на десничарската партија „Ники“, Јоргос Рунтас, побара одговор од заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападополу за, како што тврди, употребата на несоодветна терминологија и историски референции во учебниците во Северна Македонија.
Пападополу, која во минатото беше грчка амбасадорка во Скопје, изјавила дека Атина бара отстранување на формулациите што грчката страна ги оценува како ревизионистички или иредентистички. Според неа, употребата на „неточна терминологија“ не е во согласност со Преспанскиот договор, ниту со Уставот на Северна Македонија, пренесува грчкиот весник „Та Неа“.
Рунтас во парламентот конкретно се осврнал на учебникот по македонски јазик за шесто одделение. Тој тврди дека во учебникот се зборува за „татковина што отсекогаш била поробена и мачена“, додека Александар Велики е претставен како Александар Македонски, без, според него, јасно разграничување меѓу античката Македонија и современиот македонски идентитет.
Пратеникот побарал информација за тоа какви чекори планира да преземе грчката страна преку Заедничката интердисциплинарна експертска комисија, која се занимава со историски, археолошки и образовни прашања поврзани со спроведувањето на Преспанскиот договор.
Пападополу одговорила дека учебниците ги одобруваат и печатат министерствата за образование на двете земји, но нагласила дека грчката страна продолжува да бара она што го смета за „точно прикажување на историската реалност“, соодветна терминологија и прецизно наведување на потеклото на историските личности, меѓу кои Александар Велики и Филип Втори.
Според неа, прашањата поврзани со античка Македонија и античката грчка цивилизација се опфатени со членовите 7 и 8 од Преспанскиот договор, а нивното претставување во учебниците е една од темите со кои се занимава Заедничката интердисциплинарна комисија.
Пападополу навела дека Комисијата се состанува најмалку двапати годишно, наизменично во Атина и во Скопје, а последниот состанок бил одржан во Атина во мај годинава. Работата на Комисијата и записниците од состаноците се доверливи.
Таа истакнала и дека грчките членови на Комисијата ги следат содржините во учебниците во Северна Македонија и ги евидентираат прашањата за кои сметаат дека не се во согласност со договорената терминологија или со историските одредби од Преспанскиот договор.
Рунтас, пак, изразил незадоволство од досегашната работа на Комисијата, оценувајќи дека доколку таа ја завршела својата работа како што треба, немало да има потреба прашањето повторно да се отвора во грчкиот парламент.
Пападополу одговорила дека записниците од состаноците, според неа, ја покажуваат посветеноста на двете страни кон исполнување на обврските преземени со Преспанскиот договор.