Москва организирала неуспешен атентат на Каспаров во САД

by irena 18:25
18:25

Руска разузнавачка мрежа планирала да изврши атентат врз опозициските личности во егзил, Гари Каспаров и Илја Пономарјов, во САД ова лето, објави шпанскиот весник „Ел Мундо“.

Претходно овој месец, Министерството за правда на САД обелодени обвинение против пет лица за наводни заговори што вклучувале следење, регрутирање и планирани убиства на две опозициски личности, кои не беа именувани.

„Ел Мундо“ наведе дека наводните организатори на заговорот биле во контакт со лица задолжени да ги следат и убијат Каспаров и Пономарјов во периодот кога двајцата биле предупредени за заканата од атентат. Пономарјов одби да потврди или демантира дали бил известен за заканата, но за „Москоу тајмс“ изјави дека овие наводи претставуваат „ново ниво на ескалација“ од страна на Русија.

„Америка претходно се сметаше за безбедна, особено во споредба со ЕУ, Турција и Украина. Кремљ сега го урива и тој систем, кој постоеше уште од Втората светска војна“, рече тој.

Според „Ел Мундо“, еден регрутиран оперативец наводно фотографирал и снимал видеа од куќата и канцеларијата во Вашингтон поврзани со Пономарјов, кого обвинението на Министерството за правда на САД го идентификува само како „Жртва-1“. Оперативецот одбил да го изврши атентатот, се наведува во обвинението.

На Каспаров, кој е шаховски велемајстор, наводно му била обезбедена посебна заштита за првпат откако се преселил во Њујорк во 2013 година. „Ел Мундо“ не наведе дали на Пономарјов, кој живее на релација Киев-Вашингтон, му била понудена истата заштита.

Шпанскиот весник објави дека Владимир Кара-Мурза – уште една истакната личност во егзил која се противи на Кремљ и која беше ослободена од руски затвор во 2024 година како дел од најголемата размена на затвореници меѓу Москва и Западот по Студената војна – исто така се смета за можна цел на атентат.

Според извештаите, двајца од обвинетите руски државјани како цели ги имале и Иван Џутрин, кој заедно со Каспаров ја основал конференцијата „Форум за слободна Русија“ во Литванија, како и независниот активист од Башкирија, Руслан Габасов, кој претходно открил уред за следење во својот автомобил во Литванија.

Кремљ и Руската амбасада во Вашингтон не ги коментираа обвинувањата од САД, иако Москва претходно негираше дека спроведува цилени убиства во странство.

Илја Пономарјов некогаш беше пратеник во рускиот парламент – непокорен либерал кого раководството го толерираше. Денес, тој е во мисија да ги уништи Владимир Путин и неговите соработници.

„Треба да бидат ликвидирани со кол од трепетлика низ срцето“, напиша тој во своите мемоари насловени „Дали Путин мора да умре?: Приказната за тоа како Русија станува демократија откако ќе изгуби од Украина“.

Пономарјов, кој од 2016 година живее во егзил во Украина, е политички лидер на Легијата „Слобода за Русија“ – доброволна милиција во чии редови, според проценките, има околу 1.600 руски дисиденти и пребегнати припадници на безбедносните сили, кои користат тактика на ограничени, прецизни напади за да ги вознемируваат руските трупи, со крајна цел еден ден да маршираат кон Москва.

Пономарев, кој отворено се декларира како „либертаријански комунист“, потекнува од елитно семејство: неговата мајка своевремено била пратеничка, а дедо му бил поранешен руски амбасадор во Полска.

Роден во Москва и дипломиран физичар, тој ја започнал кариерата како технолошки претприемач, пренесувајќи ги своите вештини во нафтената и гасната индустрија. Во своите дваесетти години, работел за компанијата „Јукос“, со која тогаш раководел Михаил Ходорковски – олигархот кој денес живее во егзил во Лондон.

Како што раскажува во својата книга, подоцна работел со една телевизиска компанија и бил блиску до склучување деловен договор со CNN, но тој план пропаднал поради Путин. Токму поради тоа разочарување, тој одлучил да влезе во политиката.

Слични вести