Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан денес не е само инвестиција во регионалната стабилност, туку стратешка инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на отворањето на конференцијата „Европски дијалози, европско наследство и иднина“, што од вечерва до 2 октомври ќе се одржува во Скопје.
На отворањето на конференцијата, организирана од Францускиот институт во Париз, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Северна Македонија, Муцунски истакна дека младите од Западен Балкан имаат клучна улога во обликувањето на иднината на Европа.
-Денес, проширувањето не е повеќе само инвестиција во стабилноста на нашиот регион. Тоа е стратешка инвестиција на Европа во сопствената безбедност, сила и иднина – нагласи Муцунски.
Тој потенцира дека членството во ЕУ останува стратешка определба на државата, но дека процесот на интеграција треба да придонесе за зајакнување на институциите и создавање нови можности за граѓаните, а не за менување на националниот идентитет.
-Пристапниот процес треба да го трансформира нашето општество, да ги зајакне нашите институции и да создаде повеќе можности за нашите граѓани. Тој не треба да го трансформира нашиот национален идентитет – рече Муцунски.