Андреј Петров, гостувајќи во емисија на 4ТВ, зборуваше за иницијативата 12:05 во која учествува со група поранешни и актуелни политички и општествени актери, како и за причините поради кои, според него, токму сега се отвора прашањето за промени во опозицискиот блок.
Петров рече дека иницијативата произлегува од оценката дека во македонското општество постои потреба од промена, но и од незадоволството од актуелните политички состојби.
„Ако не го направиме тоа ние, кои сме биле практично низ генерации и низ децении во СДСМ, кој би очекувал тоа да го направи?“, рече Петров.
Како конкретен повод за започнување на разговорите, Петров го посочи резултатот на СДСМ на последните локални избори.
„Искрата беше скандалозниот резултат на локалните избори“, рече тој, додавајќи дека резултатот од околу 125.000 гласови го оценил како особено низок во споредба со резултатите што партијата ги имала во минатото.
Петров направи споредба со парламентарните избори во 2011 година, кога, како што рече, тој бил шеф на изборниот штаб и СДСМ освоил околу 370.000 гласови.
„Кога сме имале 370, сега имаме 125 илјади гласа како партија“, рече Петров, посочувајќи го падот на изборната поддршка како еден од клучните сигнали дека се потребни промени.
Според него, разговорите за иницијативата не започнале неодамна, туку траат подолг период. Тој нагласи дека се разговарало со голем број луѓе, особено со оние од левиот и центар-левиот политички спектар, но и со лица со кои претходно немале политички контакти.
„Ние сме го дискутирале тоа многу време, помеѓу нас со огромен број луѓе“, рече Петров.