Во Македонија секоја трета смрт е поврзана со кардиоваскуларни заболувања

by irena 19:22
19:22

Кардиоваскуларните заболувања и понатаму се водечка причина за смртност во Македонија.

Во текот на минатата година од заболувања на кардиоваскуларниот систем починале 6.888 лица, што претставува 34 отсто од вкупниот број смртни случаи, информираше директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, по повод Светскиот ден на срцето – 29 септември.

По тој повод, Институтот за јавно здравје организираше бесплатни превентивни прегледи за граѓаните, при што беа достапни мерења на крвниот притисок, шеќерот во крвта, висината и тежината, како и совети од здравствени работници.

Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека превенцијата и раното откривање имаат особено значење, бидејќи висок крвен притисок, покачен шеќер и нарушените масти во крвта често можат да се откријат пред да дојде до срцев или мозочен удар.

Тој посочи дека високиот крвен притисок може да го оштети срцето, бубрезите и мозокот, а во комбинација со нерегулиран дијабетес дополнително го зголемува ризикот.

Кардиоваскуларните заболувања опфаќаат низа состојби што го зафаќаат срцето и крвните садови, меѓу кои коронарната болест на срцето, мозочниот удар и срцевата слабост. На глобално ниво тие се водечка причина за смрт, со околу 19,8 милиони смртни случаи годишно, според Светската здравствена организација.

Повеќе од четири од пет смртни случаи од кардиоваскуларни заболувања се поврзани со срцев и мозочен удар.

Ризикот не се зголемува само со возраста. Високиот крвен притисок, високото ниво на шеќер и холестерол во крвта, прекумерната телесна тежина, пушењето, физичката неактивност, нездравата исхрана и штетната употреба на алкохол се меѓу главните фактори на кои може да се влијае. Возраста и семејната историја, од друга страна, се фактори кои не можат да се променат.

Слични вести