Што значи новиот документ на ЕК за проширувањето кон Западен Балкан?

by jadranka 18:59
18:59

Тој би можел да отвори можност за постепено економско интегрирање во ЕУ и пред полноправното членство, објави Демостат.

Усвојувањето на документот, кој содржи секторска анализа и пакет препораки до институциите и земјите членки, е планирано за 30 септември на Колегиумот на Европската комисија, по што би следела расправа на самитот на Европскиот совет на 15 октомври. Потоа, земјите членки би требало едногласно да дадат политичка согласност за предложените реформи да влезат во правна процедура.

Токму тука се отвора и политичката дебата, бидејќи земјите членки немаат целосно усогласени ставови за сите предлози – не само за проширувањето, туку и за внатрешните реформи на самата Европска Унија.

Еден од клучните предлози е модел сличен на Европскиот економски простор (ЕЕА), преку кој земјите од регионот би можеле постепено да добиваат пристап до делови од единствениот европски пазар и да ги користат клучните економски слободи – слободно движење на стоки, услуги и капитал.

Според Демостат, ваквиот пристап би можел да создаде постабилна и попредвидлива рамка за економско јакнење на земјите од регионот и пред нивното полноправно членство во ЕУ.

Во документот се предлага процесот на проширување да се приспособи на новата геополитичка и економска реалност. Наместо досегашниот принцип „сè или ништо“, се отвора можност за постепена интеграција, која би овозможила порано користење на придобивките од единствениот пазар.

Паралелно со проширувањето, Европската комисија предлага и промени во функционирањето на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повеќепати ја нагласувала потребата од внатрешна реформа на Унијата пред приемот на нови членки, но паралелно со процесот на проширување.

Еден од клучните предлози е поголема употреба на квалификувано мнозинство при носењето одлуки, наместо едногласност, особено во одредени области каде што правото на вето може да го забави процесот.

Комесарката за проширување Марта Кос ги разработила и техничките аспекти на ваквите промени.

Меѓу опциите се разгледуваат намалување на бројот на области во кои една земја може да ги блокира одлуките на целата Унија, како и оптимизација на институциите на ЕУ за да се избегне блокада во услови на Унија со повеќе од 35 членки.

Според предлогот, техничките и преодните фази од пристапните преговори, како отворањето и затворањето кластери и поглавја, би можеле да се носат со квалификувано мнозинство.

Едногласноста, односно можноста за вето, би останала за финалниот чекор – потпишувањето на Договорот за пристапување во ЕУ.

Овој пристап има за цел да се намали можноста една земја членка да го блокира напредокот на кандидатот поради билатерални спорови, како што во минатото се случувало со историски, јазични или гранични прашања.

Документот, сепак, не предвидува заобиколување на условите за членство.

Напредокот би останал заснован на индивидуалните заслуги на секоја земја и исполнувањето на Копенхашките критериуми, особено во делот на владеењето на правото.

Демократските стандарди и основните европски вредности остануваат темел на процесот.

Предложениот модел исто така предвидува можност за враќање назад доколку кандидатот почне да назадува во реформите. Во таков случај, земјата би можела да ги изгуби претходно стекнатите придобивки од процесот на интеграција.

Според документот, ваквите механизми би можеле да ѝ овозможат на ЕУ привремено да ограничи финансиски средства или одредени права доколку по членството дојде до назадување во демократијата и владеењето на правото.

За земјите од Западен Балкан, суштината на предложениот модел е во можноста постепено да се интегрираат во европскиот економски простор и да добиваат дел од придобивките од единствениот пазар и пред полноправното членство, додека реформите и исполнувањето на европските стандарди остануваат услов за напредок.

Слични вести