Техеран верува дека може да го издржи притисокот од Соединетите Американски Држави, кои преку посредници инсистираат да се постигне компромис околу иранската нуклеарна програма, соопштија денеска посредниците во преговорите.
Неименувани посредници за „Волстрит џорнал“ изјавија дека врз Иран се врши притисок да постигне компромис околу својата нуклеарна програма, со цел да се покренат преговорите со САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп го одби предлогот на Техеран за повторно отворање на Ормускиот Проток.
Владини официјални претставници во регионот на Блискиот Исток, кои се во редовен контакт со Иран, изјавија дека иранските лидери веруваат оти можат да го издржат притисокот од САД, вклучувајќи ја нивната блокада или потенцијалното обновување на воздушните удари.
Арапските официјални претставници изјавија дека Иран сака компромис со САД за да можат преговорите да напредуваат.
САД и Израел започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, откако преговорите за иранската нуклеарна програма не донесоа резултат, а по 40 дена беше постигнат договор за примирје, кој беше продолжуван и повеќепати прекршуван.
Мировните преговори се фокусирани и на повторното отворање на Ормускиот Проток, кој силите на иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) го блокираа за бродови што доаѓаат од, за нив, непријателски земји, додека, како одговор на тој потег, морнарицата на САД го блокираше Ормускиот Проток за бродови што доаѓаат од иранските пристаништа или пловат кон нив, пренесува Танјуг.