Левица ќе учествува на трибината на „Платформата 12:05″

by jadranka 12:40
12:40

Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, денеска во име на партијата ќе учествува на јавната трибина на платформата „12:05“ – „Што по 35 години?“, посветена на политичкиот систем, наследството од изминатите три и пол децении и прашањето што следува понатаму.

Станува збор за трибина на Платформата сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ.

Од Левица велат дека ќе учествуваат со своја позиција „во разговорот за следната политичка фаза“. За нив, ова е дел од разговорите коишто Левица ги води и ќе продолжи да ги води со различни опозициски и општествени чинители, од позиција на сопствен политички интегритет и стекнат легитимитет.

„Левица денес е консолидирана парламентарна сила со сопствен политички капацитет, јасно препознатлив левичарски идентитет и носител на опозицискиот простор. Оттука, нашите позиции неминовно се дел од секоја расправа за тоа како треба да изгледа следната политичка фаза во државата. Во услови кога досегашниот модел очигледно ги покажа своите слабости, Левица влегува во ваквите разговори со тежина стекната преку сопствено политичко делување, опозициска активност и континуирано присуство во јавните конфликти со власта. Дебатите за идниот политички правец на Македонија неминовно ја вклучува и позицијата што Левица ја застапува“,

Присуството на Левица на денешната трибина на „Платформата 12.05“ дополнително ги бранува опозицските води. Платформаѕа составена од поранешни и актуелни високи функционери на СДСМ, на брифингот завчера потенцираа дека тие нема да бидат нова политичка партија, ниту ќе поднесуваат независни листи на парламентарните избори.

Игор Ивановски, Славјанка Петровска, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров,  Гордан Георгиев и Емилијан Станковиќ, како  нејзини претставници , упатија порака дека кај граѓаните постои опозициско расположение, што го потврдиле и нивните истражувања, а целта на платформата е создавање и окрупнување на опозицискиот фронт, со цел победа над актуелната власт. Но, како основен предуслов за тоа, според нив, е промена на водството и средување на состојбите во СДСМ.

Слични вести