Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) го стартува новото издание во Лигата на нации. За првпат сме дел од Б-сегментот, а искушението на почетокот и не можеше да биде поголемо, затоа што ни гостува првиот фаворит, селекцијата на Швајцарија.
Нема да биде лесно, но на големи натпревари се раѓаат големи ѕвезди.
Така размислува и селекторот Гоце Седлоски, па многу веројатно веднаш ќе го уфрли во оган младиот Матеј Гаштаров. Тој одигра одлично за тимот на Црвена Звезда од стартот на сезоната, веќе е стандарден првотимец на српскиот шампион, а тоа значи и дека е подготвен и зрел за европски фудбал. Подготвен е да стане и наш голем адут веќе во овој циклус од Лигата на нации, а и носител на играта на Македонија во следната деценија.
„Многу сум среќен, ова го чекав од дете, сонував за ова многу години. Очекувам да настапам и се надевам на позитивни резултати. Секако, одиме на победа без разлика кој е противникот. Имаме голема почит кон Швајцарија, Шкотска и Словенија, но нашиот тим има голем квалитет и одиме на победа. Ќе оставиме срце на терен, како што се очекува од овој дрес“, изјави Гаштаров на првиот собир.
„Многу работев и давав се од себе за да бидам во првиот состав на Црвена звезда. На крајот тоа дојде. Спремен сум да играм на повеќе позиции, тоа не ми е проблем. Како што ќе бара селекторот, така ќе исполнам се што се очекува од мене. Верувам во тоа што го работам. Дали очекував дека сето ова ќе се случи толку брзо? Можеби не, но секогаш сум спремен за ваков предизвик“, додаде новиот А репрезентативец.
На голот ќе биде Столе Димитриевски, во одбраната Висар Муслиу и Ѓоко Зајков, а на страничните позиции се очекуваат Бојан Илиевски и Езгјан Алиоски.
Покрај Гаштаров, во средниот ред треба да делуваат Јани Атанасов и Енис Барди, заедно со Елиф Елмас, кој ќе има и малку поофанзивни задачи. Во нападот, треба да бидат Бојан Миовски и Елмин Растодер. Постои и опција еден од напаѓачите сепак да остане од стартот на клупата, а средниот ред да биде засилен со Агон Елези.