Димитровски: Подготвени сме за конструктивен дијалог, но очекуваме нашиот европски пат да е кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги

by irena 18:17
18:17

Подготвени сме за конструктивен дијалог и за решенија што градат доверба и носат конкретна корист за граѓаните од двете земји. Нашата позиција е добро позната и останува непроменета. Сакаме добрососедски односи, дијалог и соработка со Бугарија. Но, истовремено, сметаме дека билатералните прашања поврзани со историјата, идентитетот и националниот наратив не треба да го определуваат европскиот напредок на една земја кандидат. Ова го изјави заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на првиот ден од Сесијата на 25-от Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.

Димитровски повтори дека за земјава членството во Европската Унија останува стратешка определба и најважен надворешно-политички приоритет и оти тоа не е само политичка цел, тоа е избор за европски стандарди, функционални институции, владеење на правото, економски развој, повисок животен стандард и поголеми можности за нашите граѓани.

​-Нашата порака денес е јасна: Република Северна Македонија сака да биде членка на Европската Унија и подготвена е да го направи својот дел од работата во согласност со европските стандарди и критериуми. ​Очекуваме европскиот процес да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги. Процесот на проширување мора да се темели на исполнување на јасни критериуми, на конкретни резултати и на еднакви правила за сите кандидати – нагласи Димитровски.

​Тој кажа дека граѓаните се силно проевропски ориентирани, но нивната европска определба мора да биде проследена со европска перспектива која е реална, достижна и заснована на резултати и оти во таа насока Владата останува целосно посветена на реформската агенда.

-​Реформите за нас не се само услов што треба да го исполнуваме за да добиеме позитивна оценка од Брисел, тие се наша домашна работа, домашна потреба. Потребни се за поефикасно правосудство, посилна борба против корупцијата, подобро јавно управување, независни институции, поголема транспарентност и подобра заштита на јавниот интерес – рече заменик-министерот.

Во овој контекст, додаде тој, особено значење има спроведувањето на реформската агенда 24-та–27-ма и користењето на можностите што ги отвора Планот за раст за Западен Балкан. Според него, европската интеграција мора да се почувствува и во секојдневниот живот на граѓанинот и тоа значи подобра инфраструктура, подобра дигитална поврзаност, енергетска сигурност, подобри услови за бизнисите, нови инвестиции, работни места и можности за младите.

-​Затоа европскиот пат не го гледаме само низ призмата на преговарачките поглавја, го гледаме и низ призмата на тоа колку побрзо ќе ги приближиме нашата економија и нашите институции до европските стандарди. Истовремено, сакаме да дадеме свој придонес кон европската безбедност – рече тој.

Димитровски потенцира дека државава е кредибилен и предвидлив партнер на Европската Унија и оти нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија е јасен доказ за тоа, а како членка на НАТО ја разбираме безбедноста како заедничка одговорност.

-​Во услови на сериозни геополитички предизвици, Европа мора да биде обединета, отпорна и способна да ги брани своите вредности. Нашата држава не сака само да биде корисник на европската безбедност, ние сакаме и можеме да бидеме нејзин придонесувач. Во таа смисла, особено е значајно што сме првата земја од Западен Балкан која воспостави партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија. Тоа е признание за нашата улога, но и обврска да продолжиме со одговорно делување – посочи тој.

Димитровски се наврати на темата со Бугарија, која, како што рече, неизбежно е дел од нашиот европски разговор.

Слични вести