Новиот енергетски шок повторно ја враќа во Европа идејата за оданочување на огромните профити што енергетските компании ги остваруваат во периоди на криза.
Министрите за финансии на Европската Унија треба да разговараат за можноста за воведување данок на неочекуваните, односно екстра-профитите на енергетските компании на ниво на целата Унија, во услови на нагло поскапување на нафтата и горивата поради војната на Блискиот Исток.
Кога цената на енергијата нагло расте поради геополитичка криза, дел од производителите и трговците можат да остварат многу поголеми профити без тоа нужно да биде резултат на нови инвестиции или поголемо производство.
Дел од европските влади сакаат дел од тие дополнителни приходи да бидат оданочени, а собраните средства потенцијално да се користат за ублажување на товарот врз домаќинствата и компаниите.
Слични мерки Европа воведуваше и за време на претходната голема енергетска криза.
Но повторното воведување таков механизам нема да биде едноставно.
Енергетските компании можат да аргументираат дека повисоките даноци ќе ги намалат средствата за инвестиции во ново производство и инфраструктура токму во момент кога Европа има потреба од поголема енергетска безбедност.
Од другата страна стои политичкиот проблем.
Граѓаните плаќаат многу повисоки сметки и цени на бензинските пумпи, додека дел од компаниите потенцијално заработуваат значително повеќе поради истата криза.
Тоа создава силен притисок врз владите да интервенираат.
Во суштина, Европа повторно се соочува со дилемата од претходните енергетски кризи: кој треба да ја плати цената на геополитичкиот шок – државата, потрошувачите или компаниите кои заработуваат од повисоките цени?
Доколку кризата продолжи, ова прашање може да стане една од најголемите економски и политички дебати во ЕУ во следните месеци.