Интензивно се одвива изградбата на паркингот до Собранието што треба да го користат пратениците и други државни службеници, кои досега се паркираа на дивиот паркинг и запуштениот тревник кон Домот на АРМ.
Откако пратениците донесоа закон со кој овој простор го прогласија за безбедносна зона, со цел да се спречи изградба на катна гаража предвидена со урбанистичкиот план, Парламентот пред неколку месеци склучи едногодишен договор со приватна компанија за изведба на паркинг на оваа локација.
Поточно, според Бирото за јавни набавки, станува збор за партерно уредување и инсталирање на опрема во рамки на прогласената безбедносна зона, за што Законодавниот дом во јуни склучи договор со битолската компанија „Стентон Градба“ во износ од 101 милиони денари или над 1,6 милиони евра.
Имено, битолската компанија го добила овој тендер во конкуренција на друштвото „Вато“, додека официјалните податоци покажуваат дека избраниот економски оператор ќе користи подизведувач – „Миса-МГ“.
Всушност, од договорот склучен меѓу Собранието и изведувачот „Стентон Градба“ произлегува дека улогата на подизведувачот „Миса-МГ“ е да обезбедува техничка поддршка, отстапувајќи ја алфалтната база на растојание од 60 километри од локацијата за работа.
Притоа, дел од договорот е и интегрална пресметка, од која пак произлегува дека до вкупната сума од 101 милиони денари до ДДВ се доаѓа откако ќе се соберат трошоците во неколку ставки: архитектура (77 милиони денари), сообраќај (389 илјади денари), електротехника (16 милиони денари) и хидротехника (7 милиони денари).
За потсетување, првично на ова место беше предвидено да се гради подземна гаража, меѓутоа со измена на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ за време на мандатот на Владимир Тодоровиќ беше вцртана маркичка за катна гаража.
Па, во 2013 година Министерството за транспорт спроведе аукција, на која земјиштето од 2.455 квадратни метри го купи скопската фирма „Анго“ за вкупно 333.000 евра, добивајќи право да гради катна гаража висока 9 метри, при што се предвидуваше 15 отсто од објектот да биде деловен простор.
Сепак, градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 од страна на ексградоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, со образложение дека инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба.
Но, инвеститорот поднесе жалба кон ова решение, така што по неколкугодишна судска постапка решението на Општина Центар се укина и на инвеститорот му се дозволи да гради.
Така, во 2024 друштвото „Анго“ го огради просторот за да ја гради катната гаража, меѓутоа тоа се спречи од страна на Собранието, кое донесе Закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона.
Патем, беше најавено дека фирмата што го поседуваше земјиштето ќе биде обештетена, додека во меѓувреме беше склучен договорот со „Стентон“ за изведба на паркинг во безбедносната зона, каде, покрај другото, се предвидува поставување на гранитни плочки, урбана опрема итн.
Влатко Стојановски


