„Неправедна и длабоко разочарувачка“: Ахмети за пресудата за Тачи и лидерите на УЧК

by irena 14:41
14:41

Али Ахмети ја оцени денешната пресуда за Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими како неправедна и длабоко разочарувачка, повикувајќи во овие, како што ги опиша, тешки моменти на зрелост и единство.

Ахмети порача дека не треба да се дозволи создавање тензии и поделби, ниту, како што наведе, да се оцрни борбата за ослободување на народот во Косово.

Според него, УЧК настанала како одговор на угнетувањето и се борела за слободата на Косово. Ахмети посочува дека некогашните тврдења за трговија со органи, кои со години ја оптоварувале УЧК и нејзините раководители, не станале обвиненија во овој процес.

Тој истакнува и дека денес Судот ги ослободил обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото, како и дека било посочено оти целта на УЧК била независноста на Косово, која, според него, подоцна била постигната.

Ахмети смета дека овие факти треба да се имаат предвид секогаш кога, како што вели, некој се обидува да ја прикаже УЧК како криминална организација.

Тој додава дека обвинението ги товарело Тачи, Красниќи, Весели и Селими за низа наводни злосторства во периодот од 1998 до 1999 година, но изразува уверување дека и овие обвиненија ќе бидат отфрлени во понатамошната судска постапка.

„Процесот не завршува тука“, порача Ахмети, додавајќи дека очекува одбраната да ја продолжи правната битка пред Апелацискиот суд, со оспорување на наодите од првостепената постапка и барање правда до крај.

„Борбата на УЧК беше борба за слобода. Историјата на Косово не може да се преработи, а жртвата на еден цел народ не може да биде ставена на обвинителна клупа. Со верба во правдата, битката продолжува во жалбената постапка“, порача Ахмети

Слични вести