Тренчевска: 1 милијарда евра е зголемена дупката во ПИОМ, арамијата Мицкоски ги загрозува пензиите

by irena 13:08
13:08

Состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е алармантна, а трансферите од државниот буџет кон ПИОМ достигнуваат околу една милијарда евра, порача потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на прес-конференција.

Според неа, зголемената зависност на Фондот од државниот буџет ја доведува во прашање неговата долгорочна одржливост и отвора прашања за сигурноста на пензискиот систем.

„Дупката во Фондот Мицкоски ја зголеми на една милијарда евра. Тоа се над 14 проценти од целиот буџет“, изјави Тренчевска, обвинувајќи ја Владата за неодговорно управување со јавните финансии.

Таа тврди дека ПИОМ сè повеќе зависи од трансфери од централниот буџет бидејќи приходите од придонеси не се доволни за покривање на расходите. Тренчевска посочи и дека од 1 јули придонесот за ПИОМ е зголемен за еден процентен поен, преку прераспределба на делот што претходно одел кон Агенцијата за вработување, но, според неа, и покрај тоа потребата од буџетски средства продолжува да расте.

Тренчевска ја обвини Владата и за зголемено задолжување и трошење јавни средства за луксуз и партиски активности, додека, како што рече, не се преземаат доволно мерки за стабилизирање на пензискиот систем.

Од СДСМ бараат Владата јавно да објасни како планира да обезбеди средства за редовна исплата на пензиите и до кога Фондот ќе зависи во толкав обем од трансфери од државниот буџет.

Тренчевска отвори прашање и за иднината на вториот пензиски столб. Според неа, најавите за негови промени создаваат неизвесност кај граѓаните кои со години уплаќаат средства во приватните пензиски фондови.

„Граѓаните кои со години уплаќале може да останат без својата заштеда и без потпора на веќе ниските пензии“, рече таа, оценувајќи дека секоја промена во системот мора да биде проследена со јасни пресметки и гаранции за осигурениците.

СДСМ бара од Владата конкретен одговор за тоа од каде ќе бидат обезбедени средствата потребни за ПИОМ, кои мерки се планираат за намалување на зависноста од Буџетот и во кој рок тие би дале резултат.

„Без јасен план и конкретни мерки, уверувањата на ВМРО-ДПМНЕ се само политичко покритие за власт која пензиите ги користи како парола, а финансискиот товар го префрла врз граѓаните“, рече Тренчевска.

Таа нагласи дека прашањето се однесува и на сегашните и на идните пензионери – на луѓето кои денес зависат од пензијата за храна, лекови и сметки, но и на вработените кои плаќаат придонеси и очекуваат стабилен пензиски систем.

„Пензиите не се милостина. Пензиите се право, а пензискиот фонд е обврска на државата“, порача Тренчевска.

Слични вести