Армијата го слави 34. роденден

by irena 08:10
08:10

Армијата денеска одбележува 34 години од формирањето како модерна, современа и целосно интероперабилна сила во рамките на евроатлантскиот безбедносен систем. Преку учеството во меѓународни мисии, забрзаната модернизација и исполнувањето на НАТО-стандардите таа ја потврдува својата улога како доверлив НАТО-сојузник и важен фактор во регионалната безбедност, но пред се, посветена на својата основна мисија – заштита на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и граѓаните.

Од Армијата посочуваат дека изминатата година беше година на значајни резултати и потврда дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО-стандарди. Периодот беше обележан со најдинамичниот циклус на опремување и трансформација досега, како и со континуирана поддршка на цивилните институции при кризни состојби и природни непогоди. Армијата во текот на 2026 година демонстрираше висока оперативна подготвеност, интероперабилност и способност за брзо реагирање.

Успешната оценка на Лесната пешадиска баталјонска група на вежбата „Блесок 26“ – како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“, претставуваше најзначајниот професионален исчекор, потврдувајќи дека македонските сили ги исполнуваат строгите НАТО-стандарди.

Активен придонес во меѓународните мисии и подготвеност за поддршка на граѓаните

Во моментов повеќе од 180 армиски припадници се распоредени во Романија, Бугарија, Летонија, Косово, Босна и Херцеговина и Либан како и во рамки на мисијата NSATU на НАТО за безбедносна помош и обука за Украина. Покрај меѓународните обврски, Армијата останува подготвена и за поддршка на цивилните институции во справувањето со природни непогоди и кризни состојби. Во текот на летниот период се одржува високо ниво на готовност за евентуално ангажирање во борбата против пожарите, при што повеќе од 300 армиски припадници се подготвени за итно дејствување на целата територија на државата, во координација со надлежните институции.

Од Армијата посочуваат дека се во најинтензивниот циклус на модернизација од нејзиното формирање. Новите оклопни возила „Страјкер“ и „JLTV“ значително ги унапредуваат мобилноста, заштитата и борбената ефикасност на единиците, додека артилерискиот систем „Боран“ обезбедува прецизно огнено дејство на големи далечини. Воедно, воведувањето на современиот противвоздушен систем „Мистрал 3“ ќе придонесе за натамошно зајакнување на националните капацитети за заштита и контрола на воздушниот простор.

Особено значајно достигнување за Армијата во изминатиот период беше успешното оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) на националната теренска вежба „Блесок 26“, спроведено согласно НАТО стандардите за оценување на копнени команди и единици. На 24 април, годинава, по завршувањето на оценувањето во кампот за обука „Пепелиште“, на командантот на единицата му беше соопштено дека ЛПБГ ги исполнува сите предвидени стандарди и е оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“.

Според началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, стекнувањето на статусот „борбено подготвен“ или „Mission Capable“ е огромен успех не само на Лесната пешадиска баталјонска група и Армијата, туку и за целата држава воопшто.

-Тоа е резултат на јасна стратегиска насока, напорна работа, систематски процес на планирање, подготовка, обука, опремување и модернизација на Армијата, како и на синергијата на Армијата, Министерството за одбрана и останати државни институции јасно насочена кон исполнување на стратешки дефинираните цели. Со оваа оценка, ние низ исклучително ригорозен процес, како држава докажавме дека македонската Армија со исклучителна посветеност гледа кон исполнување на високите стандарди на НАТО, односно дека Армијата е високо обучена и опремена и е рамо до рамо со сојузничките сили – нагласи Лафчиски.

Слични вести