Сите жители на Чаниште вечерва ќе спијат во своите домови, нема повредени

by irena 21:36
21:36

Ниту една населена куќа не е изгорена во пожарот во прилепското село Чаниште, а сите жители вечерва ќе можат да спијат во своите домови, покажуваат најновите информации од терен.

Во пожарот се изгорени неколку стари и напуштени куќи, како и објекти во кои сопствениците престојувале само повремено.

Најважно е што во пожарот нема повредени лица.

Информациите доаѓаат по претходните првични сознанија дека огнот, кој денеска околу 13:30 часот избувна во близина на Чаниште, навлегол меѓу куќите во селото и дека постои можност да е зафатена и населена куќа.

По дополнителната проверка на состојбата на терен, потврдено е дека ниту еден од домовите во кои постојано живеат жителите на Чаниште не е изгорен.

Претходно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека прилепските пожарникари успеале да го запрат ширењето на огнот низ селото и на тој начин да спречат поголема катастрофа.

Пожарот зафати стари објекти и сува вегетација во околината, а интервенцијата на екипите продолжи и во вечерните часови.

Според најновите информации, жителите се безбедни и вечерва остануваат во своите домови.

Слични вести