Референдумот за преговорите со ЕУ ги дели Исланѓаните

by jadranka 14:44
14:44

Бела црква се издига над исландскиот пејзаж. Низ Хвалфјорд дува ветер. Кристијан Инголфсон, пензиониран бискуп, живее тука, покрај црквата Халгримскиркја во Заубер, опкружена од тишина и широки пејзажи.

Но, далеку од овој тивок агол на западен Исланд, дебатата за Европа се вжештува. На крајот на август, гласачите ќе одлучат дали да ги отворат преговорите за пристапување во Европската Унија. На референдумот не се одлучува за тоа дали веднаш да има приклучување кон ЕУ, туку дали да се рестартираат преговорите што беа прекинати пред повеќе од една деценија.

„Тукашните се малку поинакви од луѓето од копното, кои секогаш мора да размислуваат за граници. Немаме граница, само море одоколу“, вели Кристијан Инголфсон. „Тоа ни дава посебно чувство на слобода. И верувам дека тоа е дел од целата дискусија, дека луѓето сакаат да бидат слободни“, додава тој.

Без разлика дали се залагаат „за“ или „против“ поблиски врски со Брисел, многу Исланѓани дебатата ја водат околу истите идеи: слобода, независност и суверенитет.

Во седиштето на проевропската група во главниот град Рејкјавик, поддржувачите го слават официјалниот почеток на кампањата. Малата канцеларија е преполна со волонтери кои се распоредени и на тротоарот на попладневното сонце. Младите се дружат со пензионерите. Диџеј пушта музика, пивото и безалкохолните пијалоци се ладат во кофи со мраз.

Во центарот на сето тоа е Снерос Синдрадотир, извршен директор на кампањата „ДА“. 34-годишната мајка вообичаено води уметничка галерија, но таа работа сега е ставена на пауза. Наместо тоа, таа деновите ги минува во кампања за поблиски односи со Европа.

Референдумот се одржува во време на растечка геополитичка неизвесност. Американскиот претседател Доналд Трамп и неговите закани во однос на соседниот Гренланд станаа дел од дебатата на Исланд за Европа, вели Снерос Синдрадотир.
„И не е многу утешен фактот што Трамп во неколку наврати погрешно го изговори Гренланд како Исланд“, вели таа.
Исланд, со население од околу 400 илјади жители, нема постојана војска. Заштитата се обезбедува преку НАТО, чија членка-основач е Исланд. Земјата, исто така, има билатерален одбранбен договор со Вашингтон. За време на студената војна, САД имаа важна воена база во близина на Рејкјавик, иако нивното постојано воено присуство се заврши во 2006 година.

„Мислам дека дефинитивно би се зголемила безбедноста ако влеземе во ЕУ“, вели Снерос Синдрадотир. „Со оглед на ситуацијата во САД, би било помудро да се потпреме на нашите вистински сојузници и пријатели во Европа“, смета таа.

Исланд е веќе тесно поврзан со Европа. Земјата е дел од Европската економска зона (ЕЕА), што овозможува слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе меѓу Исланд и повеќето земји од ЕУ, иако островската нација не е членка на ЕУ. Таа е исто така дел од Шенген-зоната.

Павел Бартошек, претседател на парламентарниот комитет за надворешни работи, укажува на малата и релативно нестабилна валута на Исланд.
„Нè чинеше многу повисока инфлација и каматни стапки во споредба со континентална Европа“, вели тој.
Бартошек тврди дека приклучувањето кон еврото во иднина би можело да ги намали трошоците за задолжување за домаќинствата и бизнисите. Хипотекарни каматни стапки од 8 до 9 отсто се вообичаени во Исланд, додека на други места во Европа често се двојно пониски.

Во центарот на Рејкјавик активистите од анти-ЕУ движењето поставуваат мала маса и делат летоци и значки за кампањата „НЕ“.

Харалдур Олафсон, професор по физика, моментално минува и до 12 часа на ден во кампања против членство.

„Практично сме тука за да им објасниме на луѓето дека членството во ЕУ е огромен чекор подалеку од демократијата“, вели тој и појаснува: „Му даваме моќ на некој друг кој ќе наметнува правила што не можеме да ги контролираме“.

Харалдур Олафсон со години води кампања против приклучувањето кон ЕУ и е претседател на организацијата Хајмсин од анти-ЕУ таборот.

Денеска е тивко околу штандот на кампањата „НЕ“. Туристите го преполнуваат плоштадот спроти парламентот, одвреме-навреме на Олафсон му се приближуваат познаници. Ова е Исланд. Луѓето тука се познаваат меѓу себе.

„Не познавам никого во Исланд кој се плаши од Русите или од Американците“, вели Харалдур Олафсон. „Навистина, не мислам дека овие меѓународни прашања се многу важни кога станува збор за локалната политика. Единствената закана доаѓа од ЕУ. Таа е единствената голема сила во светот која сака да управува со Исланд, која сака да ги диктира законите во Исланд и сака да донесува пресуди“, вели тој.

Поддржувачите на членство во ЕУ го отфрлаат аргументот наведувајќи дека како членка на ЕУ, Исланд би учествувал во донесувањето одлуки, наместо едноставно да ги следи правилата утврдени на друго место.

Еден од темелите на просперитетот на земјата е богатата рибарска индустрија. Затоа дебатата за можно членство во ЕУ е многу емотивна, при што двете страни се расправаат околу тоа дали ЕУ ќе стекне контрола врз вредните морски ресурси на Исланд.
„ЕУ нема што да се меша во природните ресурси во Исланд – морето, рибите. Унијата нема последен збор за енергетиката, што е многу важен природен ресурс за Исланд“, продолжува тој и додава дека „економијата на Исланд е многу различна од економијата на Европа. Главниот недостаток е што ЕУ би ја презела администрацијата на (нашите) природни ресурси“, вели Харалдур Олафсон.

Харалдур Олафсон се упатува кон пристаништето во Рејкјавик, каде што го сретнува поранешниот рибар Агуст Остерби на својот дрвен чамец, поправајќи стара рамка на прозорец. Остерби првпат отишол на море со својот татко кога имал шест години. Денес тој реставрира дрвени чамци. Исланѓаните, вели тој, се тврдоглави и независни по природа.

„Во нашите гени е сами да се справуваме со (работите) — да се справуваме со животот, морето и со времето“, вели тој и додава: „Никогаш нема да ѝ ја дадеме нашата слобода на ЕУ. Точно знаеме како да си функционираме во Исланд. Не ни треба помош од странство“.

Поранешниот рибар вели дека според него Исланѓаните не се чувствуваат загрозени од никого — дури ни од Доналд Трамп.

Убедувањето дека Исланд едноставно може да избегне меѓународен притисок е спротивно на ставот на политикологот Аудун Арнорсон. Тој се плаши дека стратегијата „може да се врати како бумеранг“.

Доколку Исланд некогаш се соочи со притисок сличен на оној што го доживеа Гренланд од неговиот „голем брат на Запад“, можноста за пристапување во ЕУ, вклучително и пристап до заедничката царинска заштита од Унијата, би можела да биде од корист.

Исланд веќе еднаш почна преговори за пристапување во 2010 година, по банкарската и економската криза. Тие подоцна беа прекинати по промената на владата и никогаш не беа рестартирани. Аудун Арнорсон тврди дека одржувањето референдум е единствениот начин да се разбие политичкиот ќор-сокак околу тоа дали Исланд треба повторно да ги отвори преговорите.

Пратениците во исландскиот парламент се, исто така, поделени околу тоа дали земјата треба да ги продолжи преговорите за пристапување со ЕУ. Дебатата ги сече традиционалните партиски линии.

Гудрун Хафштајнсдотир, лидерка на опозициската Партија на независноста, верува дека мала нација како Исланд може да има поголем глас надвор од ЕУ отколку внатре.
„Во Европскиот парламент би имале приближно шест места од 726. Се плашиме дека едноставно ќе исчезнеме во таква маса како што е Унијата“, вели таа.
Помалите земји-членки на ЕУ, како што се Малта, Луксембург и Кипар, исто така имаат минимална застапеност со шест места во Европскиот Парламент. За Гудрун Хафштајнсдотир, пристапувањето кон ЕУ не е решение за зајакнување на безбедноста на Исланд.
„Нашата сила лежи во НАТО и нашиот билатерален договор со САД. Немало никаква дебата од американска страна дека сакаат да го сменат договорот што го имаме во Исланд со децении“, потенцира таа.
Но, нешто друго предизвикува длабока загриженост кај лидерката на опозицијата — поделбите што дебатата ги создаде во семејствата и меѓу пријателите.

„Копаме рана што нема да заздрави со години. Не можеме да преживееме во оваа сурова земја ако немаме солидарност меѓу нас, за да можеме да се бориме против Мајката Природа“, вели таа.
Анкетите предвидуваат тесна трка. И двата табора сега се борат за истата група — многуте неопределени гласачи кои веројатно ќе го одредат резултатот на 29 август. Гласањето „за“ нема да значи членство во ЕУ. Тоа само би отворило преговори за пристапување со втор референдум потребен за Исланд конечно да може да се приклучи на Унијата. Но, поранешниот бискуп Кристијан Инголфсон е уверен дека „без разлика каков и да биде исходот, ние ќе останеме еден народ и тоа нема да гради ѕидови меѓу нас.“

Слични вести