Во 2001-та година имало план за поделба на Македонија кој бил спречен благодарение на меѓународната заедница, потврдија лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тогашниот министер за одбрана и подоцна премиер Владо Бучковски, на панел-дискусијата што вчера ја организираше ДУИ по повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој всушност се стави крај на воениот конфликт.
–Вклучувањето на меѓународната заедница, срамежливо покажувањето на првиот предлог на Фровик дека ќе дојде до разоружување, дека потоа треба да има еден сериозен политички процес, беше воден од меѓународната заедница на начин кој го приближуваше и Ахмети од терорист, екстремист, водач на паравоената ОНА, да се трансформира во лидер на политичка партија, ценејќи го расположението на албанскиот етникум во тој момент…
Не беше на почетокот отворен воениот конфликт само за правата на Албанците. Тлееше веројатно, затоа сме разговарале и со г-динот Ахмети, тенденцијата беше дека треба да се освои територија и да се направи обид да се подели Македонија – рече, меѓу другото, Бучковски.
Притоа, Ахмети потврди дека пред себе имал проект за поделба на Македонија, меѓутоа, како што рече, го отфрлил од причина во спротивно тој би бил во различна држава со дел од Албанците од Македонија.
–Ја сакам Македонија, господине Бучковски, колку што ја сакате и Вие, ова е мојата земја, мојот дедо, прадедо, баба и прабаба се тука, колку што ја сака Бранко Црвенковски, колку што ја сака Христијан Мицкоски, затоа, подалеку од Охридскиот договор, кој и да се обидува да го уништи албанскиот јазик, да ја уништи правичната и соодветната застапеност.
Кога станува збор за прашањето на поделба, да, јас го имав проектот за поделба г-дине Бучковски и го имав одобрено од највисоките власти, но не го прифатив, бидејќи Албанците од Скопје немаше да бидат со мене. Јас ќе бев во Албанија, но Скопје, Куманово, Струга, Кичево, Прилеп, Велес, сите тие би биле надвор од границите на Албанија – изјави тој.

Инаку, за овој контроверзен концепт за поделба на Македонија во воената 2001 година во детали говореше тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, кој во интервју за неделникот „Фокус“ дадено во средината на 2023 година зборуваше како се развила оваа идеја и кој се бил вклучен во процесот.
–Кога почна нападот од Косово кон Македонија, а потоа на тоа се приклучија некои структури и внатре во Македонија, иако морам да кажам дека на почеток тоа бавно одеше, главно беа увезени сили…
Во сите тие разговори дојдовме до еден ист заклучок на повеќе места, на повеќе нивоа. А, тоа беше – ако Албанците не сакаат да живеат со нас, како во секој брак, каде што не одат работите, да пробаме да се разделиме. Втора работа – јасно беше дека цел западен свет, не само што не ни помагаше, туку стоеше на страна на Албанците.
Со дистанца на времето можам да кажам дека идејата не беше за поделба на Македонија, туку за трампа на територии и население. И, од македонска страна беше идејата Тетово, Гостивар и Дебар, со плус минус некои села. Значи, без Кичево, Струга, без Скопско, Кумановско.
А, од албанска страна да се побара реално многу помал дел, но за нас значаен дел, делот околу Преспа, каде што живеат Македонци и на некој начин Преспанско Езеро да го заокружиме – рече Георгиевски.
Одговарајќи на прашањето на кое ниво се водени овие разговори, односно дали тоа биле затворени неформални дискусии или се разговарало на влада, тој рече дека на ниво на влада не се разговарало, но за тоа имало согласност меѓу тогашните највисоки државни функционери.
–На ниво на владата не се зборуваше, но за тој муабет имаше согласност меѓу мене како премиер, Борис Трајковски како претседател, Стојан Андов и Доста Димовска беа вклучени во таа дискусија. Сите тие имаа афирмативен став.
Не е некоја тајна дека Трајковски самиот му има кажано на Зоран Димитровски, дури без моја консултација, да го објави тоа во весникот „Вечер“. Исто така, мислам дека Трајковски тоа го има разговарано и со Бранко Црвенковски.
Од друга страна, морам да кажам дека независно од нас, на една средба со тројца академици, на која беа претседателот на МАНУ, Ѓорги Ефремов, Ѓеорги Старделов и Блаже Ристовски…
И тројцата таа идеја ја споделуваа пред мене без никаков притисок, дури иницијативата на муабетот тргна од нив. Ефремов остана доследен до крај на идејата, а другите двајца се повлекоа од дискусијата.
И, морам да кажам дека и некои црковни лица беа запознаени, да не ги компромитирам, но многу важни црковни лица, кои исто така рекоа дека во тој момент, ова можеби е решение.
Оваа идеја не беше идеја на авантуризам, туку на најодговорни луѓе, кои во тоа време ја водеа државата и на некој начин спонтано оценија дека тоа е решение за тој момент, но и за иднината на Македонија.
Идејата ја образложив кај Арбен Џафери. Тоа прашање му го отворив. Тој ми рече дека за него ова можеби е некакво решение, но мора да разговара. Со кој разговараше, на кое ниво и каде, не знам. Но, по десетина дена ми рече дека во овој момент не може да го продолжи тој разговор.
Сега има разни приказни, но првите 5-6 коминикеа на ОНА беа за борба за територија и иселување на Славомакедонците, не само од тие 3 града, туку малку пошироко.
Ние го организиравме целиот отпор на Македонија. Можеби некој сметаше на слабото оружје во тоа време, но морам да потсетам дека цел период го искористивме максимално корисно за снабдување со оружје – истакна Георгиевски.

Според него, оваа идеја за трампа на територии и население практично била мировна идеја, а не концепт за воено решение на кризата. Оценувајќи го Рамковниот договор, пак, тој рече:
„Видете, најверојатно во тој момент беше решение и еве се покажува дека до денес функционира. Дали е оптимален за една унитарна држава – дефинитивно не. Да не се лажеме, тоа е договор на дефакто федерализација на Македонија. Унитарноста е однадвор, но однатре кога ќе погледнете, ние де факто функционираме како федерација.
Охридскиот рамковен договор двапати е сериозно нарушен. Првиот пат со Законот за локална самоуправа и децентрализација, зашто ЕУ застана против сите принципи како тоа се регулира во самата Унија, за Македонија да се согласи да ги испочитува барањата и желбите на ДУИ. Зборувам за територијалната поделба, за каков таков систем.
Вториот момент е Законот за двојазичност, со кој се прекрши договорот, а до каде ќе одат прекршувањата, навистина не знам. Последниот обид да се тргнат 20 проценти е суспендирање на јазичните одредби од Рамковниот договор.
Очигледно, политичките партии, тука можам да кажам и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во желбата да формираат влада, практично и без Рамковен договор ги прават тие отстапки“.
На крајот, во однос на прашањето дали денес смета дека државата ќе беше подобра ако успееше концептот за трампа што своевремено го заговарал, тој кусо одговори: „Да!“.
Влатко Стојановски