Драматичен пораст на случаите на Западно-нилска треска (WNV) е регистриран во Македонија од почетокот на годината до 11 август 2026. Со вкупно 26 потврдени и веројатни случаи, од кои дури 13 се пријавени во изминатата недела, Центарот за јавно здравје Скопје официјално пријави епидемија во четири скопски општини. Регистриран е и еден смртен случај.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), речиси сите заболени се регистрирани во скопскиот регион (25 случаи), додека еден е во Велес, објави 4news.mk Поради концентрацијата на вирусот, прогласена е епидемија во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.
Најкритична е состојбата во Кисела Вода (населено место Драчево) со 11 регистрирани случаи и Гази Баба со 6 случаи, што според епидемиолозите е јасен показател за интензивна локална трансмисија на вирусот преку комарците.
Сите 26 регистрирани пациенти развиле невроинвазивна форма на болеста (менингитис и/или енцефалитис) и биле хоспитализирани — 25 на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје, а еден во приватната болница „Аџибадем Систина“.
Најпогодени се постарите лица. 22 пациенти се на возраст над 60 години, а четири се помеѓу 50 и 59 години. Просечната возраст изнесува 66,6 години.
Од заболените, 20 се мажи, а 6 се жени.
Најголемиот бран започна во јули (17 случаи), а трендот продолжува и во август.
За жал, регистриран е и еден смртен случај кај пациент од Скопје на возраст над 80 години со претходни коморбидитети, кој починал од менингит предизвикан од вирусот.