ДУИ бара да се врати албанскиот јазик на таблите на граничниот премин Табановце, го обвини Меџити дека молчи

by irena 16:42
16:42

Отстранувањето на албанскиот јазик од државните табли на граничниот премин Табановце, на територијата на Општина Куманово, претставува директно прекршување на законот и на уставните обврски за употреба на јазиците, сметаат од Демократската унија за интеграција, ДУИ.

„Ова е тешка провокација и јасен доказ за екстремната немоќ на Вреди да ги заштити дури и најосновните права на Албанците. Бараме албанскиот јазик веднаш да биде вратен на државните табли, а надлежните институции јавно да се извинат за ова прекршување.

Вреди носи директна одговорност за ова. Наместо да го спречи деградирањето на албанскиот јазик, измислува празни оправдувања и со манипулативни видеа се обидува да ги измами граѓаните. Албанскиот јазик е службен јазик и неговата употреба е законска обврска“, се вели во партиското соопштение.

Во вториот дел од соопштението, ДУИ го праша Изет Меџити „Што го тера Изет Меџити да каже: доста веќе со знамето, доста со јазикот, доста со застапеноста?“.

„Ова е човекот кој ја предаде раката што го хранеше и раката што политички го издигна. Еден по еден ги предаде и своите најблиски соработници, луѓето кои работеа со него, кои му веруваа и кои стоеја покрај него“, соопптија денеска од ДУИ за градоначалникот и еден од двајцата лидери на ВЛЕН, обвинувајќи го дека предава и, како што велат, националниот интерес на Албанците.

ДУИ го прашува Меџити дали молчи, поради како што велат, бројните досиеја за кои со години се зборува дека стојат во фиоките на Обвинителството или станува збор за нешто друго…

-Што е тоа што го тера молчешкум да го прифаќа секој удар врз албанскиот јазик, знамето, застапеноста и положбата на Албанците, а потоа да им порачува и на Албанците дека треба да молчат? Ова мора да се расчисти. Затоа што евентуалната заробеност на еден политичар е проблем на тој политичар. Но, кога поради заробеноста на еден човек се држат во заложништво политичкото претставување и судбината на цел еден народ, тогаш имаме многу поголем проблем.

Судбината на Албанците не може да биде заложник на стравот, досиејата или личните интереси на Изет Меџити, порачаа од ДУИ.

Слични вести