Реката Рајна падна на рекордно ниско ниво на неколку локации во Германија и Холандија.
Нивоата измерени во Келн во западна Германија и во Лобит, каде Рајна преминува од Германија во Холандија, се најниски откако се водат евиденции.
И други големи европски реки со важни транспортни, индустриски и земјоделски функции забележаа рекордно низок водостој, вклучувајќи го Дунав, кој тече низ 10 земји.
Германскиот информативен систем за низок водостој соопшти дека 44 отсто од мерните станици на Рајна и 78 отсто од оние на Дунав регистрирале екстремно ниски нивоа на вода на крајот на јули.
Рајна, која извира во швајцарските Алпи и се влева во Северното Море, е еден од најпрометните водни патишта во Европа.
Германските власти велат дека е малку веројатно дека бродскиот сообраќај по Рајна ќе биде целосно суспендиран, но ќе треба да се преземат мерки на претпазливост.
Минатата недела, водостојот на Дунав падна на најниско ниво во последните 30 години во неколку земји, вклучувајќи ги Србија и Романија, оставајќи ја единствената нуклеарна централа во Унгарија на работ на затворање.
Сушата на Дунав, исто така, предизвикува сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија во Србија и Романија.
Со контролирана експлозија на голема карпа на брегот на Дунав, Романија се обиде да го зголеми протокот на вода до нуклеарната централа Чернавода.