Пратеничката Илире Даути од партијата Албанска лига, заедно со лидерот на партијата, Зијадин Села ја блокираа денешната седница за пратенички прашања. Таа бара одговор за Предлог-законот за правична застапеност бидејќи се уште не добила никакво писмено објаснување од премиерот Христијан Мицкоски кому му го испратила прашањето. Истакна дека денешната седница мора да се прекине доколку не се одговори на прашањето.
Даути од собраниската говорница го потсети спикерот Африм Гаши на Деловникот, но и денес не доби одговор на прашањето.
Откако Гаши ги повика двајцата пратеници да се тргнат од говорницата, а не доби никаква реакција, даде пауза од 30 минути.
Спикерот додаде дека Владата веќе дала одговор на пратеничкото прашање, но верува дека и премиерот лично ќе одговори на седницата. Смета дека дошло до технички проблем, па оттаму пратеничката од опозицијата не го добила одговорот.
Според Владата, основната цел на предлог-законот за соодветна и правична застапеност е да обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка за остварување на едно од темелните начела на уставниот поредок на земјата – соодветната и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции. Интенцијата е да се обезбеди доследна примена на овој принцип преку воспоставување јасни правила и механизми, кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и унапредување, како и фер и транспарентни постапки во јавниот сектор.