Случајот со водоснабдувањето во Крушево воопшто не треба да се споредува со проблемите што ги имаше водоводниот систем во Гостивар, бидејќи станува збор за сосема различни околности, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
На прес-конференција во Центарот за управување со кризи, посветена на состојбата со гостиварскиот водовод, Ангелов одговори и на новинарско прашање за исправноста на водата во Крушево.
Тој посочи дека веднаш по информацијата за проблемот разговарал со градоначалникот на Крушево, кој го информирал дека поради едночасовен прекин на електричната енергија привремено не работел уредот за хлорирање на водата.
„По тој еден час, уредот повторно бил ставен во функција и продолжил со нормална работа, поради што очекувам состојбата веќе да е целосно стабилизирана. За дополнителни информации треба да се обратите до локалната самоуправа“, рече Ангелов.
Тој нагласи дека во Крушево нема пријави од граѓани со здравствени тегоби поврзани со водата и повтори дека ситуацијата не треба да се изедначува со онаа во Гостивар.
„Немаме појава на луѓе што се жалат на здравствени симптоми и воопшто не треба да се споредуваат овие два случаја“, истакна Ангелов.