Соединетите Американски Држави денеска соопштија дека Стратешкиот дијалог со Косово ќе продолжи откако Приштина ќе ги исполни условите, вклучително и обврските преземени кон српската заедница.
-Остануваме посветени на зајакнувањето на заедничките интереси на САД и народот на Косово. Со задоволство ќе го започнеме Стратешкиот дијалог со Косово кога ќе бидат исполнети соодветните услови, вклучително и спроведувањето на обврските на Косово кон косовските Срби – изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Стратешкиот дијалог меѓу САД и Косово беше замрзнат во 2025 година поради, како што беше наведено, „загриженоста поврзана со постапките на Владата на Косово“.
Од Стејт департментот не прецизираа кога би можел да биде обновен дијалогот, ниту кои конкретни чекори се очекуваат од косовските власти.
Одговорот на американската администрација следува во денот кога во Вашингтон започна првата рунда од Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија, насочен кон продлабочување на соработката во областа на безбедноста, економијата и надворешната политика.