Наместо претседателот Володимир Зеленски, Украина ќе ја испрати премиерката Јулија Свириденко на клучниот форум за обнова на земјата во Полска, во обид да го заштити настанот од актуелниот дипломатски спор меѓу двете земји.
Свириденко денеска изјави дека таа ќе ја предводи украинската делегација на дводневната Конференција за обнова на Украина (УРК), која започнува во четврток во Гдањск, полско пристаниште на Балтичкото Море.
„Нашата делегација има јасна мисија: да обезбеди конкретни договори што ќе ги зајакнат одбранбените капацитети и отпорноста на Украина, а во исто време ќе ја прошират економската соработка со нашите партнери“, рече Свириденко на комуникациската платформа Телеграм.
Украина очекува да потпише неколку договори со странски партнери, вклучително и оние за зајакнување на енергетската инфраструктура на Украина, тешко оштетена од руските воздушни напади во текот на изминатата година, рече таа.
Одлуката на Зеленски да не учествува на конференцијата дојде по спорот меѓу Украина и Полска околу единица на украинската армија која се именуваше по националистичката единица одговорна за масакрот врз Полјаците во Втората светска војна.
Полскиот претседател Карол Навроцки во петокот го одзеде највисокото државно одликување доделено на Зеленски, по што тројца поранешни украински претседатели и други високи функционери ги вратија своите полски државни одликувања.