Вршителката на должноста претседател на Бугарија, Илијана Јотова, остро реагираше по вчерашниот инцидент пред Бугарската амбасада во Скопје, каде што беше запалено возило во сопственост на бугарската држава.
„Палењето на дипломатски автомобили во сопственост на бугарската држава го сметам за напад“, изјави Јотова, додавајќи дека очекува бугарските европратеници да го отворат ова прашање и во Европскиот парламент.
Нејзината реакција доаѓа во пресрет на дебатата во Европскиот парламент за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија. Јотова изрази загриженост поради информациите дека во предложената резолуција би можеле да бидат избришани делови кои се однесуваат на работата на Заедничката историска комисија, предвидена со Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји.
Според неа, евентуалното отстранување на овие формулации би ја довело во прашање смислата на работата на Комисијата и нејзините заклучоци. Таа нагласи дека прашањето е дел од протоколите поврзани со преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија.