(ВИДЕО) Во Калифорнија се урна бомбардер Б-52, осум лица загинаа

by irena 08:10
08:10

Бомбардер Б-52 на американските воздухопловни сили се урна кратко по полетувањето во воена база во пустината Мохаве во Јужна Калифорнија, при што загинаа сите осум лица во авионот, потврдија воени претставници.

Авионот се запали околу 11:20 часот по локално време за време на рутинска тест мисија во воздухопловната база Едвардс, која се наоѓа северно од Лос Анџелес.

Снимките од воздух покажуваат речиси целосно уништен авион, додека густ чад се крева од изгорениот дел од пустината во близина на пистата. Бројни спасувачки екипи беа исто така на терен.

Во авионот имаше воен персонал и цивилни изведувачи, а компанијата Боинг потврди дека двајца од нивните вработени се меѓу жртвите.

Потполковник Џејмс Хејс, заменик-командант на 412-то тест крило, рече дека по прегледувањето на снимките од несреќата, нема индикации дека некој можел да преживее.

– Изгубивме осум одлични Американци – рече Хејс, додавајќи дека семејствата на жртвите во моментов се известуваат.

Причината за несреќата сè уште е непозната, а истрагата би можела да трае до шест месеци. Како што е наведено, Б-52 беше вклучен во програмата за модернизација на радарските системи.

Б-52 Стратофортрес е бомбардер со долг дострел кој е во употреба од 1955 година.

Беше дизајниран да носи конвенционално и нуклеарно оружје и беше користен во бројни конфликти од Виетнам до Иран.

Слични вести