Хрватската полиција поднесе кривична пријава против тројца македонски државјани кои се осомничени за оштетување јавен имот во областа Цавтат, откако, според истрагата, поставувале налепници со кирилични букви на сообраќајни знаци.
Според информациите од полицијата во Дубровничко-неретванската жупанија, се било откриено по пријави добиени минатата недела.
Истражителите утврдиле дека биле облепени сообраќаен знак, информативна табла и корпа за отпадоци, а од полицијата наведуваат дека со тоа предметите ја изгубиле својата основна функција и препознатливост.
Двајца од осомничените биле пронајдени веднаш по пријавата, додека третиот бил лоциран следниот ден, на 30 мај, на аеродром.
Станува збор за лица на возраст од 23, 25 и 26 години.
По завршување на постапката, осомничените биле предадени на притворската единица на Полициската управа Дубровничко-неретванска.