Лино Червар: Се вратив во втората татковина

by irena 17:25
17:25

Лино Червар (75) беше претставен како нов тренер на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер во Битола. Искусниот хрватски стручњак се враќа во македонскиот ракомет по речиси една деценија и најавува дека ова ќе биде неговиот последен тренерски ангажман во богатата кариера.

„Чест е да работам во Битола, град со голема ракометна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и ќе ја завршам кариерата тука. Веќе одлучив дека е време да завршам, а најдобро е да го направам тоа во град каде што ракометот е религија.

Луѓето овде го сакаат спортот, а правењето на она што го сакаш е најголема среќа. Видов дека во Битолско имаше желба да дојдам и ја прифатив поканата“, рече Червар на прес-конференцијата.

„Ги поздравувам сите поранешни тренери и играчи кои играа за Еурофарм Пелистер, за мене најголемото ракометно име во Македонија. Пред мене е тешка задача, конкуренцијата е одлична, но мора да задржиме позитивен став.“

Треба да ги пофалиме конкурентите, Вардар кој се разбуди и напредува со големи чекори, како и Охрид кој ја освои европската титула. Мора да бидеме пријатели и да работиме заедно, но на теренот ќе има борба. Ние сме едно семејство, ќе дадеме сѐ од себе и ќе ја оправдаме довербата“, додаде новиот тренер на Пелистер.

Червар остави неизбришлив белег во историјата на македонскиот спорт како стратег на Металург. Под негово водство, клубот од Автокоманда од Скопје двапати стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите, во 2014 и 2015 година, во време кога целата земја живееше за ракометот.

По таа епизода, тој кратко време ја водеше репрезентацијата на Македонија, а потоа се врати на хрватската клупа.

Во својата исклучително богата кариера, Червар го освои златниот медал со Хрватска на Олимписките игри во Атина во 2004 година, светското злато во Португалија во 2003 година и бројни други европски награди.

Со Металург, тој беше четири пати државен шампион и три пати го освои Купот, а се сеќава и на вицешампионската титула во премиерното издание на СЕХА лигата во сезоната 2011/2012.

Слични вести