Иако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја затвори истрагата за случајот „Мазут во ТЕЦ Неготино“, случај тежок 167 милиони евра, сепак и понатаму останува енигма здравствениот аспект од овој потенцијален криминал, односно дали мазут кој се горел бил канцероген? Ова е значајно прашање, бидејќи еден од правците на истрагата беше да се утврди со каков квалитет се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми.
На почетокот на истрагата постоеја сомнежи за големо влијание врз животната средина и здравјето на луѓето, бидејќи на почетокот на рестартирањето на ТЕЦ Неготино за да произведува струја од мазут, имаше случаи кога филтрите на погонот се заглавувале од валкан мазут. Шпекулациите одеа дотаму дека нивото на сулфур бил над 1% колку што е дозволено. Токму поради тоа беа земени и мостри од мазутот, кои беа пратени на испитување во Србија. Според информациите кои ги доби „Фокус“ од Обвинителството, резултатите пристигнале пред осум месеци, но се уште се бара експерт кој ќе може да ги прочита и да ги протолкува.
Предметната обвинителка Катерина Коларевиќ, иако се огради од овој дел од истрагата, посочувајќи дека овој аспект не го истражувала, бидејќи бил поделен во посебна предистрага, сепак сподели неколку детали. Истакна дека вештачењето од Србија потврдило присуство на сулфур под 1 процент, што е во линија со Упатството за течни горива кај нас. Но, она што остана да одѕвонува во уши е дека покрај сулфур имало и други материи, за кои сè уште не се знае дали се штетни или не. Се барал стручњак во државата кој ќе го прочита извештајот од Србија, но засега не е најден.
Оттука прашавме во Обвинителството, во кои институции се обратиле со цел да ги прочита резултатите пристигнати од Србија за квалитетот на мазутот, каков тип на експерт е потребен, и кога пристигнаа овие резултати?
-Вештачењето од Р.Србија е добиено на 25.9.2025 година. На 25.11.2025 година ОЈО ГОКК поднесе Барање за номинација на стручно лице експерт од областа на заштита на животната средина за испитување на влијание на течно гориво мазут врз животната средина. Барањето беше доставено до Институтот за хемија при Природно -математичкиот факултет и Технолошко -металуршкиот факултет при Универзитет „Св,Кирил и Методиј“. На 27.11. 2025 година од Технолошко -металуршкиот факултет беше добиен одговор дека немаат лице што би можело да одговори на барањата на обвинителството, додека од Институтот за хемија до денес не е одговорено. Дополнително на 5.1.2026 година е доставено истото барање и до ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговорија за „Фокус“ од Обвинителството.
Засега останува нејасно, зошто ако не може да се најде вакво стручно лице во државата, истото не се побара надвор од неа.
Стравувањата за влијанието на мазутот врз животната средина имаше и премиерот Христијан Мицкоски.
-Се збогатија на грбот на граѓаните, согорувајќи нелегален мазут, со што го загрозија нашето здравје и човечки животи, велеше Мицкоски кога беше отворена истрагата.
Вицепремиерот Изет Меџити пак тогаш порача дека никој не е над законот и дека секој што ќе се обиде да направи нешто слично, ќе се соочи со правдата.
-Нема компромис со корупцијата, особено во случајот кога не е оштетен само буџетот и финансиската стабилност на државата, туку е загрозено и здравјето на граѓаните. Затоа, ова е двојно поважен случај. Истовремено, оваа борба против корупцијата е без етнички, идеолошки или други предзнаци, велеше Меџити.
В.В.