Обвинителството се жали на ослободителната пресуда за таткото на Вања, тој вели дека се чувствува како заложник

by irena 11:16
11:16

Апелацискиот суд во Скопје денеска одржува јавна седница по жалбите за пресудата во случајот со грабнувањата и убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Во судницата присуствуваат обвинетите Велибор Манев, Љупчо Палевски, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој претходно изјави дека се чувствува како заложник поради жалбата на обвинителството, со дозвола од судечкиот совет ја напушти седницата поради здравствени причини.

Неговиот бранител Владимир Туфеѓиќ, одговарајќи на жалбата на Обвинителството против ослободителната пресуда за Ѓорчевски, истакна дека нема ниту еден доказ за комуникација меѓу него и обвинетите.

„Преседан е што се поднесува жалба без ниту еден доказ за негово учество. Да постоеше барем еден промил доказ, сигурен сум дека одлуката на судот ќе беше поинаква. Предлагам жалбата на ЈО да не биде прифатена. Ова е само оправдување што не успеале да најдат доказ“, рече Туфеѓиќ.

Претходно, вишиот обвинител Дарко Јакимовски ја образложи жалбата на обвинителството, оценувајќи дека првостепениот суд не ги анализирал доволно доказите во однос на Александар Ѓорчевски.

„Судот не се впуштил во анализа на доказите и на улогата што му се става на товар. Од првиот неуспешен обид за грабнување, па до реализацијата на грабнувањето, фактите се надополнуваат. До неделата немало договор делото да се случи во понеделник, а кога била донесена одлуката, Палевски ги повикал останатите. Александар ги советувал децата да се облечат убаво бидејќи утрото ќе било студено“, изјави Јакимовски.

Тој додаде дека семејството се приклучило кон кривичниот прогон и дека судот имал обврска целосно да ја расчисти улогата на Александар Ѓорчевски.

Во тек е образложувањето на жалбите од останатите обвинети, кои се осудени на доживотен затвор.

Слични вести