Првите патници од крузерот „MV Hondius“, погоден од епидемија на хантавирус, денеска беа евакуирани од Тенерифе со специјални чартер-летови кон нивните матични земји, каде ги очекуваат строги карантински мерки.
Првите 14 шпански државјани беа евакуирани со владин авион во Мадрид, каде ќе бидат сместени во воената болница „Гомез Уља“.
Шпанските власти најавија задолжителен карантин и повеќекратни PCR тестирања. Патниците ќе бидат сместени во посебни соби без посети.
Пет француски патници беа префрлени со специјален медицински лет во близина на Париз.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни соопшти дека еден патник развил симптоми на хантавирус за време на летот, по што сите петмина биле ставени во строга изолација.
Тие ќе поминат 72 часа под болнички надзор, а потоа следува домашна изолација од 45 дена под контрола на здравствените власти.
Британските патници ќе бидат префрлени во болницата „Ароу Парк“ во Вирал, каде ќе поминат до 72 часа во изолација.
Потоа лекарите ќе проценат дали можат да продолжат домашен карантин.
Британските власти препорачаа изолација до 42 дена од последната можна изложеност на вирусот.
17 американски патници ќе бидат префрлени во Националниот карантински центар при Медицинскиот универзитет во Небраска.
Американските власти соопштија дека никој од нив засега нема симптоми, но ќе бидат под секојдневен медицински надзор во наредните 42 дена.