Идентификуван е сој на хантавирус што предизвика смрт на патник на крузер

by irena 16:07
16:07

Јужноафриканските експерти го идентификуваа сојот на хантавирус што предизвика инфекција и смрт на тројца патници на крузерот MV Hondius.

„Тоа е најопасната форма на хантавирус, способна да се пренесува од човек на човек. Зборуваме за сојот на хантавирус од Андите. Тоа е единствениот познат сој што се пренесува од човек на човек“, потврди јужноафриканскиот министер за здравство Арон Мотсоаледи во говорот пред Комитетот за здравство на Националниот парламент, објавува порталот SA NEWS.

Министерот додаде дека таквото пренесување на вирусот е многу ретко и се случува само преку многу близок личен контакт.

Тој ги повика членовите на парламентот и јавноста да не паничат, туку да преземат потребни мерки на претпазливост и додаде дека здравствените власти на Јужна Африка прават сè што е можно за да го спречат ширењето на хантавирусот во земјата.

Тој потврди дека е во тек потрага по патниците на летот од Света Елена до Јоханесбург кои биле во авионот со холандски државјанин кој починал од хантавирус неколку часа по пристигнувањето во Јужна Африка, како и дека британски државјанин бил евакуиран во критична состојба од бродот „MV Hondius“ и префрлен во болница во Јоханесбург.

Според најновите податоци од Светската здравствена организација, хантавирус е откриен кај седум лица од MV Hondius, од кои тројца починале.

Пред три недели, крузерот под холандско знаме исплови од Ушуаја, Аргентина, кон својата крајна дестинација, Канарските Острови.

На бродот има околу 150 лица, претежно државјани на САД, Обединетото Кралство, Шпанија и Холандија, а меѓу членовите на екипажот е и еден руски државјанин.

Бродот моментално е на пат кон Канарските Острови откако му е забранет пристап до пристаништата во Зелен ’Рт.

Слични вести