Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија во парламентот на Албанија – Газмент Барди, денеска го обвини министерот за надворешни работи на земјата, Ферит Хоџа, дека во групна комуникација на WhatsApp употреби навредлив јазик кон Албанците во Македонија, објавија албанските медиуми.
Нарекувајќи ја неговата наводна изјава скандалозна и неприфатлива, Барди побара итна оставка од шефот на албанската дипломатија, посочувајќи дека таквата негова реторика го нарушува достоинството на Албанците поради што министерот не може да продолжи со извршувањето на неговите должности.
Според телевизијата Top-channel, пратениците на Демократската партија, Белинда Келичи и шефот на нивната пратеника група во албанскиот парламент, Газмент Барди денеска објавиле порака од групна комуникација на WhatsApp во која, според нивните тврдења, шефот на дипломатијата – Ферит Хоџа, за Албанците во Македонија вели: „Што велат тие албански идиоти“.
„Неприфатливо е и недозволиво за висок јавен функционер да ги нарекува Албанците „идиоти“. Таквиот став веднаш го исклучува од која било јавна функција и го оневозможува да продолжи со вршењето на своите должности, ни минута подолго. Уште повеќе кога станува збор за министер одговорен за преставување на Албанија на меѓународната сцена“, напиша Барди.
Понатаму во објавата, шефот на пратеничката група на Демократската партија, наведува дека неодговорниот и навредлив јазик на Хоџа не само што сериозно го нарушува достоинството на Албанците, туку создава и верување дека имаат работа со преставник кој зборува во духот на странска пропаганда, а не во интерес на Република Албанија.
„Оваа изјава е достојна само за Никола Пашиќ или Васа Чубриловиќ. Таквата реторика е спротивна на член 8 од Уставот на Република Албанија. Ферит Хоџа мора веднаш да поднесе оставка. Секое одложување е неоправдано. Премиерот (Еди Рама н.з.) има политичка и институционална обврска да го разреши без никакво двоумење и јавно и јасно да се дистанцира од оваа навредлива и неприфатлива реторика, која потсетува на темната реторика од минатото против Албанците“, наведе Барди.
Во меѓувреме, од Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија категорично ги негирале ваквите обвинувања.
Според портпаролот на Министерството, Алтео Хиси, публикациите дистрибуирани денеска на социјалните режи се невистинити и немаат никаква врска со реалноста.