Пет лица загинаа, а четворица се полесно повредени во пожар што избувна во петкатна станбена зграда во Манлеу во близина на Барселона, објави весникот „Ел Паис“.
Се верува дека сите жртви биле млади луѓе, а можно е некои да биле и малолетници.
Пожарот е пријавен синоќа во 21:10 часот, а избувнал во магацин на покривот на зграда на улицата Монтсени.
Пожарникарите испратиле 13 екипи на местото на настанот, а пожарот бил изгаснат во 21:41 часот. Причината за пожарот засега е непозната.
Според извештаите, најмалку четири жртви биле во областа каде што избувнал пожарот и не можеле да избегаат од причини што сè уште се утврдуваат. Процесот на идентификација на телото ќе биде завршен денес.
Истражната единица „Мосос д’Есквадра“ започна истрага за причината за пожарот.
Сите повредени лица претрпеле полесни повреди и не се хоспитализирани.
Претседателот на каталонската влада, Салвадор Ила, изрази сочувство до семејствата на жртвите и им посака брзо закрепнување на повредените, додека градоначалникот на Манлеу, Арнау Ровира, прогласи тридневна жалост, пренесува Танјуг.
Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје, а минута молчење е закажана за вторник во 19 часот пред Градското собрание.
Според податоците на Цивилната заштита, три семејства биле привремено сместени во хотел во Манлеу, додека другите станари се вратиле во своите домови.