Превозниците бараат ЕУ да ги ослободи професионалните возачи од обврската да се придржуваат на ограничениот престој во земјите од Шенген-зоната на 90, односно 180 дена. Но, ЕУ им предложи на професионалните возачи да аплицираат за продолжување на престојот во Шенген-зоната затоа што оттаму инсистираат на одговорот дека EES не е ново правило, туку поефикасно спроведување на постојните правила или познатото ограничување од 90 дена престој во Шенген, во период од 180 дена за државјани што патуваат без виза. Се поставува и прашањето како нашите превозници успевале да го „кршат“ правилото досега, односно како успевале да престојуваат повеќе од 90 дена во шест месеци без да бидат санкционирани.
Пишува: Орце КОСТОВ
Превозниците од Македонија и од регионот, поточно од земјите од Западен Балкан, кои не се дел од Шенген-зоната, бараат да бидат изземени од новите правила за електронска евиденција при премин на Шенген-границата. Тие предупредуваат дека ќе се соочат со дополнителни трошоци и отежнато работење, поради кои дел од нив може да прекинат со работа, а со тоа да биде прекинат и синџирот на снабдување со стоки преку патниот товарен сообраќај.
Европската Унија еднаш го одби нивното барање за изземање за ограничен престој во Шенген-зоната и им предложи на професионалните возачи да аплицираат за продолжување на престојот во Шенген-зоната, што, пак, ќе значи дека ќе треба да добијат работна виза, која подразбира вработување и обезбеден престој во Шенген-зоната.
Овој процес може да трае недели и месеци, што дополнително го компликува работењето на превозниците, бидејќи уште не се знае какви критериуми ќе бидат воспоставени за добивање работна виза за превозниците, односно за професионалните возачи. Аплицирањето за работна виза подразбира обезбедена работа кај работодавач во соодветната земја, обезбедено престојувалиште и низа други критериуми, кои на превозниците ќе им биде тешко да ги исполнат доколку нема посебен систем за нивно аплицирање за работна виза.
Вакво правило од 2016 година воведе Швајцарија за нашите возачи, кои и сега чекаат по неколку недели за да добијат работна виза за да можат да возат низ Швајцарија.
Проблемот предизвика протест и блокади на граничните премини Богородица, Блаце, Табановце, Ќафасан и Девер Баир, со над 370 камиони од македонските транспортни компании. На блокадите се приклучија и земјите од регионот Црна Гора, БиХ, Србија, Косово и Албанија. Турските камионџии го поддржаа протестот, со тоа што застанаа на нашите граници, а не побараа да возат алтернативни рути преку Бугарија и Романија.
Превозниците, всушност, бараат да бидат изземени од новите правила за електронска евиденција при влез во Шенген-зоната, односно ЕУ да ги ослободи професионалните возачи од обврската да се придржуваат на ограничениот престој во земјите од Шенген-зоната на 90, односно 180 дена.
ЌЕ СЕ БРОЈАТ И МИНУТИТЕ ОД ПРЕСТОЈОТ ВО ШЕНГЕН-ЗОНАТА
Основа за барањето на превозниците е тоа дека професионалните возачи што возат во Шенген-зоната не се патници, туку вршат дејност.
Дополнително, сметаат дека патниот транспорт е дискриминиран од ЕУ во однос на останатите транспорти: бродскиот, авиосообраќајот и железничкиот, бидејќи тие се изземени од почитување на овој пропис.
Превозниците се сомневаат дека со усложнување на процедурите се прави обид да се присилат возачите да ги затворат фирмите во сопствените држави и да се вработат во компаниите – превозници во Унијата, кои остануваат без потребниот кадар за реализирање на транспортот. Тоа, според нив, ќе биде нов удар за македонските превозници, кои претрпеа огромни загуби од загубата на рускиот и источниот пазар поради санкциите.
Во основата на спорот е воведувањето на системот Entry/Exit System (EES) – дигитален механизам на ЕУ за регистрирање на влез/излез на државјани на трети земји за краток престој, со биометриски податоци и електронско следење наместо печати во пасошот. Европската комисија појаснува дека EES целосно ќе го замени рачното печатирање од 10 април 2026 година.
Од Брисел инсистираат на одговорот дека EES не носи „нови правила за престој“, туку поефикасно спроведување на постојните правила или познатото ограничување од 90 дена престој во Шенген, во период од 180 дена за државјаните што патуваат без виза.
Европската комисија, во меѓувреме, соопшти дека е во контакт со партнерите од Западен Балкан и дека внимателно ја следи ситуацијата со блокадите, но спорот од двете страни се врти околу истото: дали правилото 90/180 може да остане „универзално“, кога станува збор за професионални возачи што ја минуваат границата како дел од работата, со оглед на тоа дека не е ново и постои откако постои Шенген-здружувањето.
Се поставува и прашањето како нашите превозници успевале да го „кршат“ правилото досега, односно како успевале да престојуваат повеќе од 90 дена во шест месеци без да бидат санкционирани. Никој од македонските власти, ниту од претставниците на здруженијата на превозници нема одговор.
Неџо Мандиќ, претседател на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, во интервју за српски медиум рече дека полицијата досега ги разбирала нивните проблеми и им прогледувала низ прсти. Но, сега автоматскиот систем нема да прогледува низ прсти затоа што ќе ги брои и часовите и минутите од престојот во зоната на Шенген.
БЛОКАДА ИЛИ ДЕПОРТАЦИЈА
Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои во понеделникот координирано ги блокираа товарните гранични премини кон европската Шенген-зона тврдат дека се соочуваат со депортации и економска штета и бараат ЕУ да ги изостави транспортните фирми.
Правилото „90/180 дена“ во овој Шенген-систем значи дека транспортерите од Македонија можат да бидат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во вкупно 180 дена.
Откако почна да функционира електронскиот систем на ЕУ, ригорозно се следи престојот во Шенген-зоната. Компјутерот со биометриски податоци точно ги сумира сите денови – од време на тура, паузи на паркинг и чекање на граници.
– Проблем имаат транспортните фирми бидејќи не можат да направат доволно тури, возачите ќе мора да одмораат. Сите што возат подлабоко во Европската Унија, остануваат повеќе денови. Сите тие ќе имаат проблем, а тоа се околу 70 отсто од фирмите во државата, вели сопственик на транспортна компанија од Скопје.
Во нашата држава има повеќе од 16.000 професионални возачи, а нивната просечна возраст е 50 години.
Дел од нив се имаат соочено со казни за надминување на престојот од 90 дена, посебно на граничниот премин Хоргош во Унгарија. Но, казната ја плаќала компанијата регистрирана во странство, а не возачот од Македонија што возел за неа. Сепак, по „одморањето“, возачот пак имал право да замине во ЕУ и да вози за истата компанија, без да добие забрана за влез.
Во Македонија, мобилизацијата за блокадите ја потегна „Макам -транс“, најголемото здружување на работодавачи на превозни трговски друштва во државава.
– Се надевам дека од ЕУ ќе имаат разбирање затоа што се работи за четири земји од Западен Балкан. Не е така едноставно сите фабрики и сите увозно-извозни фирми да запрат и да не превезуваат. Турските превозници ни се приклучуваат со тоа што нема да одат по алтернативни патишта, туку ќе застанат на границите и ќе чекаат додека ние не завршиме.
Се блокираат премините затоа што од 10 април ќе почне електронско сметање на времето за престој во Шенген-зоната, 90 дена на 180 дена. Се протестира за тоа што ова правило кога почна да важи пред 17 години, се однесуваше само на 5-6 држави од Шенген-зоната, со текот на времето се зголемуваше бројот на членките што се дел од Шенген и сега имаме 29 држави.
Тоа значи дека на секое излегување од нашата држава ќе влегуваме во Шенген-просторот, а професијата возач не е турист и мигрант, туку е работа, рече на протестот, Биљана Муратовска, генерален секретар на здружението на превозници, Макам транс.
Според превозниците, ова е дискриминација за патните превозници затоа што ЕУ во својата регулатива ги ослободила од денови за броење на престој сите други: бродскиот, железничкиот и авиопревозот. Тоа ќе предизвика домашните возачи да заминат во ЕУ и да возат за компании на фирми од Европската Унија. Тоа, пак, ќе значи згаснување на патниот транспорт во Македонија и зголемени цени на стоката.
– За ова има повеќе причини, меѓу кои е и потребата од возачи во земјите на ЕУ, која од 2015 година, па досега е проценета на повеќе од 2.000.000 возачи, бидејќи толку во овој период треба да заминат во пензија заклучно со 2026 година. Најверојатно некој одлучил да ги привлече возачите од Балканот и другите држави што не се членки на ЕУ со зголемување на проблемите што ги имаат при вршење на работните задачи (чекање на граница за влез во ЕУ, депортирање од државите ако имаат надминато 90 дена во 180 дена и примена на многу други нестандардни мерки), со што понудата за работа во земја од ЕУ е многу попримамлива од онаа што ја имаат во матичните држави.
Доколку не постигнат позитивни резултати, цените за превоз на стока енормно ќе пораснат затоа што превозот ќе го вршат странски превозници од ЕУ со наши возачи. Последиците може да ги предвиди секој, не само фирмите чии стоки сега ги превезуваат нашите превозници“, вели Муратовска.
И претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески смета дека новите правила за влез во Шенген-зоната не решаваат ништо за подобрување на определена област во ЕУ, а нам ни создаваат сериозни проблеми. Очекува повлекување на новите правила, но не наскоро.
ТРИ РЕШЕНИЈА НА ПРОБЛЕМОТ
Проблемот со ограничувањето на престојот на возачите во Шенген-зоната или таканаречениот ЕЕС систем на среден рок може да предизвика сериозен колапс, кој ќе влијае врз снабдувањето на земјава, а ќе влијае и врз економијата.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски откри дека владата повеќе од една година разговара со Европската комисија, а последната средба ја имал во декември 2025, во Брисел со еврокомесарот за транспорт, Апостолос Цицикостас, и генералната директорка на Директоратот на ЕУ за мобилност, Магда Копчинска. Таму, според него, било укажано дека „ваквите правила“ може да значат економска штета за целиот регион и да влијаат врз странските инвестиции, вклучително и од земји-членки на ЕУ.
Вицепремиерот посочи дека во принцип постојат три возможни решенија за решавање на овој проблем.
– Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за превозниците, второто решение е да се зголеми бројот на денови што можат да ги поминуваат во Шенген-зоната превозниците, најмалку на 250 дена, соодветно поделено во циклуси, од сегашните 180. Третото решение е да не се третираат како туристи професионалните возачи и превозници, туку да се третираат онака како што треба, како професионалци и врз основа на тоа, или да бидат исклучени од овие правила, или соодветно со работни визи, како што во моментов прави само Швајцарија тоа да се уреди и на тој начин да можат слободно да транзитираат, рече Николоски.
Тој оцени дека сѐ спротивно од ова ќе има големи последици и за македонската, регионалната, но и за европската економија.
„Да не заборавиме дека најголем дел од странските инвестиции, не само во Македонија, туку и во целиот регион, се од земји-членки на Шенген-зоната и ЕУ. Тие најчесто овде произведуваат полупроизводи, кои потоа ги извезуваат во сопствените земји за да произведат финален производ. Да не зборувам за земјоделските производи, за транзитот, за она што го произведува Грција и, исто така, оди на север. Да не зборувам за главниот трговски коридор на цела југоисточна Европа, а тоа е Коридорот 10, кој значи економски крвоток на целиот овој регион, рече Николоски.
СТАВ НА ЕУ
Европската комисија е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западен Балкан, внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот, изјави портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт.
– Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена, во рок од 180 дена. Тоа ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но, исто така, и спортистите и уметниците. Тоа е поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела, изјави Ламерт.
Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген-зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање нерегуларни практики.
– Според Шенген-правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген-зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од тоа, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани, додаде Ламерт.
Што значат ЕЕС И ЕТИАС?
Системот ЕЕС (Entry/Exit System) е новиот дигитален систем за регистрирање на влезовите и излезите на трети државјани на границите на ЕУ и Шенген-зоната, кој стана оперативен на 12 октомври 2025 година. Од тој датум, земјите-членки требаше да почнат постепено да го воведуваат системот на своите надворешни граници.
На 10 април 2026 година се очекувана целосна имплементација на системот на сите надворешни гранични премини на Шенген-зоната. Од овој датум, системот треба да ја замени рачната практика на вметнување печати во пасоши за трети државјани и да се користи за сите записи за влез и излез.
Овој систем се однесува на трети државјани (не-граѓани на ЕУ/ЕФТА) што патуваат за кратки престои (до 90 дена во период од 180 дена). Граѓаните на ЕУ, резидентите и други изземени категории нема да го користат системот.
По воведувањето на системот EES, кој во октомври минатата година го промени начинот на кој се регистрираат патниците на границите на Европската Унија, граѓаните на Македонија, и другите земји што не се дел од Шенген, треба да очекуваат уште една важна новина оваа година.
Станува збор за ETIAS – електронска дозвола за патување за граѓани на земји на кои не им е потребна Шенген -виза, меѓу кои сме и ние во Македонија.
Поврзано е со патнички пасош. Важи до три години или до истекот на пасошот, што и да се случи прво. Доколку добиете нов пасош, треба да добиете ново патничко овластување ETIAS. Овластувањето ќе чини 20 евра за 3 години.
Со важечко патничко овластување ETIAS, можете да влегувате на територијата на овие европски земји колку што сакате за краткотраен престој – нормално до 90 дена во кој било период од 180 дена. Сепак, тоа не гарантира влез. Кога ќе пристигнете, граничен службеник ќе побара да го види вашиот пасош и други документи и ќе потврди дека ги исполнувате условите за влез.
Текстот е објавен на 29 јануари 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.581